ЕК: Власта и опозицијата со заедничка одговорност за враќање на политичкиот дијалог

Односите со Србија остануваат добри, а односите со Косово продолжуваат да се подобруваат, во поглед на засилувањето на заедничката соработка, потенцира Комисијата..

Власта и опозицијата имаат заедничка одговорност за враќањето на политичкиот дијалог во Парламентот и обезбедувањето на соодветни услови за негово функционирање, се вели во овогодинашниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија во евроинтеграциите.

Според Комисијата, отсуството на повеќето опозициски пратеници влијае врз усвојувањето на новите реформи и на можноста за контрола врз активностите на владата. Во однос на владата, пак, ЕК смета дека таа мора да работи на потранспарентен и координиран начин во однос на националните прашања, а треба да се осврне и на препораките од ОБСЕ/ОДИХР околу дистинкција на државата од партијата. Комисијата, исто така, смета дека сите уставни измени треба да се направат со широк консензус.

Во однос на реформите во јавната администрација, од ЕК сметаат дека таа останува под политички влијание и покрај напредокот во легислативата, и дека се потреби дополнителни напори за да се обезбедат принципите на транспарентноста и одговорноста.

Комисијата се осврнува и на односите кои Македонија ги има со своите соседи, па така за односите со Албанија таа оценува дека се добри, а тензиите кои настанаа поради демонстрациите против пресудата во случајот „Монструм“ не ги попречија меѓусебните посети на претставниците од двете земји на високо ниво.

Односите со Србија остануваат добри, а односите со Косово продолжуваат да се подобруваат, во поглед на засилувањето на заедничката соработка, потенцира Комисијата.

Односите со Грција остануваат под влијание на спорот за името, а трите рунди на преговори и посетите на медијаторот Метју Нимиц на Скопје и Атина не донесоа напредок, потсетува ЕК, додавајќи дека изнаоѓањето на решение за овој проблем останува од суштинско значење за земјата.

Односите со Бугарија, пак, остануваат под влијание на разликите поради интерпретацијата на историјата, а преговорите за договорот за добрососедство продолжија. Сепак, според Комисијата меѓу двете страни се уште има отворени прашања.

Заклучокот на Комисијата во овој дел е дека Македонија активно учествува во регионалната соработка и ги развива билатералните односи со своите соседи, а конструктивниот пристап кон проблемите кои се јавуваат со соседните земји е од големо значење и треба да се избегнуваат изјави кои би имале негативно влијание врз добрососедските односи.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top