(ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО) Почна големиот судски процес за црквата „Св. Димитриј Солунски“ во Мелбурн

Дали е на повидок нов голем и скап судски процес во Мелбурн?.

Денес во Мелбурн во основниот суд (Magistrates' Court of Victoria) започна судскиот спор во кој двете засегнати страни ја бараа правдата односно кој ќе раководи со црковната општина „Св. Димитриј Солунски“ во Спрингвал, Мелбурн.

Тужената страна на чело со Свештеникот Миле Талески ја застапуваше Крис Александар од компанијата „Alexander & Novatsis“, но од таа страна не дојдоа четирите членови на управата признаени од Владиката г.Петар, и не беше дадено образложение зошто тие не беа присутни и кој ќе ги застапува нив во иднина.

Другата страна, тужителот, Стево Крстевски, кој е дел од управата избрана од народот беше претставена од страна на адвокатката Сара Кофи од компанијата „Catcher Legal“.

При претресот од страна на адвокатите на Свештеникот Миле Талески беше побарано тие да продолжат да ги собираат финансиските средства, додека од страна на тужителите беше побарано тие да ги поседуваат клучевите од Црковната сала и да се врати тапијата во банката. 

Во судскиот процес денес беше донесена одлука дека до наредното рочиште никој нема право да собира пари ниту екслузивно да поседува клучеви од црквата и црковната сала.

Беше даден рок од седум дена тапијата да биде вратена во банката, од каде што била подигната.

Исто така, беше одлучено за овој судски процес во никој случај да не се трошат црковни пари, туку трошоците да ги покријат засегнатите странки во процесот.

Предметот за понатамошно разгледување се префрла во Врховниот Суд на Викторија (Supreme Court).

Многу судски процеси ја тресеа Австралиско-Новозеландската Епархија во минатото и се потрошија многу милиони народни пари, наместо од сето тоа да се извлече некаква поука, историјата се повторува и се продолжува со судски процеси.

Иако е познато дека Австралија е правна држава и правдата секогаш победува, иако е познато дека неколку спорови на Епархијата се изгубени, сепак се продолжува со истата практика.

Што ќе се случува понатаму, останува да видиме на следното рочиште, а дотогаш погледнете го видео записот од денешното судење и проследете ги изјавите на дел од инволвираните во судскиот процес.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top