Ердоган бара замрзнување на имотот на американските министри во Турција

Реџеп Таип Ердоган побара да се замрзне имотот на американските функционери во Турција, реагирајќи на сличните санкции кои Вашингтон им ги воведе на турски министри околу задржувањето на американскиот свештеник во домашен притвор во Турција..

Турскиот претседател сепак, по сѐ изгледа, сака да ја сопре ескалацијата на тензиите меѓу двете земји членки на НАТО, во момент кога нови санкции би можеле дополнително да ја влошат состојбата на ионака ослабената турска економија.

„Бевме трпеливи до синоќа. Денес ќе дадам упатства да се замрзнат имотите на американските министри за правосудство и внатрешни работи во Турција, доколку ги имаат“, кажа Ердоган во говор во Анкара.

Оваа изјава е директен одговор на американската одлука од средата да ги санкционира турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу и за правосудство Абдулхамит Ѓул.

Санкциите им се воведуваат поради наводната улога во судењето на Ендрју Брансон, американскиот пастор кој во Турција е обвинет за „терористичка активност и шпионажа“.

Но останува нејасно дали турскиот претседател мисли на американскиот министер за внатрешни работи Рајан Зинке кој е задолжен за националните паркови и за политика кон домородците или на министерката за татковинска безбедност Кирстјен Нилсен.

Турските министри изјавија дека во Соединетите Држави немаат никаков имот, а малку е веројатно и американските да имаат во Турција, поради што санкциите се само симболични.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top