Ердоган: Затворањето на џамиите во Австрија води кон војна на „крстот и полумесечината“

Реџеп Таип Ердоган го критикуваше канцеларот на Австрија Себастијан Курц поради одлуката на владата за затворање седум џамии во таа земја и почнувањето истрага против четириесет имами..

„Се плашам дека мерките кои ги презема премиерот на Австрија водат во светот на војна на крстот и полумесечината. Тие изјавија дека ќе ги протераат имамите. Како тоа да се остави без одговор? Нема да седиме со скрстени раце“, порача Ердоган.

Освен истрагата против имамите за кршење на законот за исламот кој предвидува забрана за финансирање од странство, австриската влада донесе и одлука за протерување на 60 имами и членови на нивните семејства. Неколку стотици илјади луѓе во Австрија се со турско потекло.

Една џамија беше затворена поради сомнежи за ширење терористичка пропаганда, а други шест поради ширење салафизам. Расформирано е и здружението Арапска верска заедница која управуваше со спорните салафистички џамии.

„Паралелните општества, политичкиот ислам и радикализацијата немаат место во нашата земја“, изјави Курц.

Турција силно ја критикуваше оваа одлука и потезите ги нарече „расистички“ и „недемократски“.

Одлуката на австриската влада ја поздравија сите политички партии во земјата, но со критика дека е донесена токму во време на рамазан, како и на почетокот на гласањето на турската дијаспора за изборите во Турција.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top