ЕУ не го признава Лукашенко за претседател на Белорусија

Европската унија одбива да го признае Александар Лукашенко за претседател на Белорусија по неговата ненадејна инаугурација, зашто нема „демократски легитимитет“, а Брисел ги преиспитува своите односи со Минск, изјави шефот на европската дипломатија..

Тајната инаугурација на Лукашенко предизвика дополнителна осуда од Западот за масовните протести во Белорусија кои траат по спорните избори на 9 август.

Изборите не беа ниту слободни ниту фер и „ЕУ не признава наместени резултати“, рече европскиот министер за надворешни работи Јозеп Борел. „Таканаречената инаугурација и новиот мандат на Лукашенко немаат демократски легитимитет“, рече Борел.

„Оваа инаугурација е во директна спротивност со волјата на мнозинството белоруско население, изразена во бројни, невидени и мирни протести по изборите и служи само за понатамошно продлабочување на политичката криза во Белорусија“; рече поранешниот министер за надворешни работи на Шпанија.

ЕУ повикува на правото на Белорусија да биде „претставена од оние кои се избираат слободно преку нови инклузивни, транспарентни и кредибилни избори“, додаде Борел.

ЕУ ја повтори поддршката за мирните протести и повикува на нови избори „и покрај бруталната репресија на белоруските власти“.

Брисел го повика Минск „веднаш да се воздржи од понатамошна репресија и насилство врз белорускиот народ и да ги ослободи затворениците, вклучително и политичките затвореници“, рече Борел.

„ЕУ останува убедена дека инклузивниот национален дијалог и позитивниот одговор на барањата на белорускиот народ за нови демократски избори е единствениот начин да се најде излез од сериозната политичка криза во земјата.

Во соопштението се вели и дека Брисел „ги разгледува своите односи со Белорусија“.

ЕУ подготвува санкции против 40 лица што ги смета за одговорни за репресијата и бара начин да го казни и Лукашенко, откриваат дипломатски извори.

Но, за тоа е потребна согласност од сите 27 членки на ЕУ, а Кипар ја условува својата согласност со преземање мерки што ќе ја принудат Турција да престане да ги истражува наоѓалиштата на гас во Медитеранот.

Шведска и Финска одбиваат да го санкционираат Лукашенко и бараат да дозволи посредување на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), со кое ќе раководи Стокхолм, додаваат извори.

Ова ќе се дискутира на самитот на ЕУ од 1 до 2 октомври во Брисел.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top