ЕУ подготвува мерки против Турција и Кина

Министрите за надворешни работи на ЕУ се согласија да одговорат на координиран начин на контроверзниот закон за национална безбедност наметнат од Кина на Хонг Конг, но исто така разгледуваат и мерки против Турција..

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Јосеп Борел, исто така, се закани со акција против Турција, која го раздвојува европскиот блок по низа прашања, од човековите права до оф-шор дупчењето гас кај Кипар и трансформацијата на скапоцениот споменик Аја Софија од музеј во џамија.

„Денес се договоривме да развиеме координиран европски одговор за да покажеме поддршка за автономијата и граѓанското општество на Хонг Конг“, рече европскиот министер за надворешни работи по првата физичка средба на министрите по неколку месеци.

„Ова ќе се состои од мерки на ниво на Европската унија, но и од оние што се во надлежност на земјите-членки“, рече тој за кинескиот закон за Хонг Конг, кој стапи во сила минатиот месец.

Можните нови мерки може да вклучуваат поголема контрола на извозот на „специфични и чувствителни“ технологии до Хонг Конг, откри Борел, како и можност за визи за граѓаните во Хонг Конг и стипендии за студентите од автономниот регион.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас истакна дека одлуката на Кина за новиот закон „треба да има влијание“ врз европскиот извоз на оружје.

Тој истакна дека германско-францускиот предлог за нови мерки вклучувал и поедноставен визен режим за уметници, научници, истражувачи и новинари од Хонг Конг, кои се изложени на ризик заради нивната работа.

Актот за национална безбедност е донесен кон крајот на јуни и е насочен против сепаратизмот, субверзијата, тероризмот и дослух со странски сили на територијата на Хонг Конг.

Властите во автономниот регион сега можат да ги следат и прислушуваат луѓето за кои постои сомневање дека ја загрозуваат националната безбедност, а законот предвидува доживотен затвор за субверзивни активности.

Друго големо прашање на агендата е односот меѓу Европската унија и Турција.

Во врска со дупчењето за експлоатација на гас од страна на Турција во водите во близина на Кипар, Борел рече дека Унијата може да преземе нови активности доколку операцијата продолжи.

„Ние ќе подготвиме опции за воведување соодветни мерки како одговор на предизвиците од Турција“, рече тој.

Турција осуди четворица активисти од невладини организации за човекови права Амнести Интернешнл на неколку години затвор, сметајќи ги за виновни за тероризам, како што предупреди министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, на состанокот.

По состанокот, Борел рече дека ЕУ исто така ќе одговори на новите прекршувања на ембаргото за вооружување на Либија.

„Имаме намера да ги зајакнеме санкциите против режимот со цел да придонесеме за подобро спроведување на резолуциите на Советот за безбедност на ООН“, рече тој.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top