Европскиот врв се согласи на средба со Ердоган во март во Бугарија

Раководството на Европската Унија ќе се сретне со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган на 26 март во Варна, Бугарија, соопшти портпаролот на претседателот на Европскиот совет..

На работната вечера ќе присуствуваат претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, бугарскиот премиер Бојко Борисов и Ердоган.

Средбата во Варна ќе биде прилика да се рестартира замрзнатиот дијалог.

„Ќе ни се пружи прилика да размениме ставови за тоа како да ги унапредиме нашите односи врз основа на заемната почит и заедничкиот интерес“, напишаа Туск и Јункер во писмото упатено до Ердоган.

Според дипломатски извори, Турција има многу конкретни очекувања, а тоа е исплата на три милијарди евра како втора рата од сумата ветена на Турција во 2015 како замена за сопирање на емигрантите. Анкара очекува од ЕУ, како што вети, да ги укине визите за патувања на државјаните на Турција.

Сепак, во писмото на Јункер и Туск објавено на Твитер, тоа ќе биде прилика да се разговара и за основните слободи и правната држава во Турција.

Бугарија, која претседава со ЕУ, сака да биде „мост“ меѓу Брисел и Анкара.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изрази жалење поради влошените односи со Анкара.

„Турција своеволно со крупни чекори се одалечува од Европа“, кажа тој и ја осуди репресијата во Турција по пропаднатиот пуч во јули 2016 година.

Европејците се загрижени и околу воената операција на Турција против курдските милиции на северот на Сирија.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top