„Фантастична идеја би било“ Трамп да преговара за брегзитот

Британскиот секретар за надворешни работи, Борис Џонсон, го пофали пристапот на Доналд Трамп во склопувањето договори, посочувајќи дека за Велика Британија би било подобро кога американскиот водач би ги презел преговорите за брегзитот..

Жесток брегзитер, Џонсон ги изнел своите забелешки за време на вечерата на конзервативците зад затворени врати во средата вечер. Снимката од неговиот говор, објавена од Базфид, покажува дека високиот дипломат на Обединетото Кралство во вообичаеното надмено светло признава дека сè повеќе го обожава американскиот лидер.

Цврстината на Трамп во преговорите за подобри услови за неговата земја по секоја цена е она што Велика Британија може да го позајми од авторот на „Вештината на договорот“, предложил Џонсон. Дури и ако неговиот нетолерантен пристап би можел да изгледа како чиста лудост во почетокот, на крај може да функционира, рекол тој.

„Замислете Трамп да го води брегзитот. Ќе навлезе проклето цврсто... Ќе има секакви проблеми, сите видови хаос. Сите ќе мислат дека полудел. Но всушност, така може да стигнеме некаде. Тоа е многу, многу добра мисла“, рече Џонсон, полушеговито сугерирајќи да му се претстави идејата на Трамп.

„Трамп да преговара за брегзитот би било фантастична идеја“, рече тој, предизвикувајќи публиката да прсне во смеа.

Иако можеби отпрвин некои не ги сфатија сериозно зборовите на британскиот секретар за надворешни работи, тој потоа се дозакопа, велејќи дека „сè повеќе му се восхитува на Доналд Трамп“.

„Станав сè поубеден дека постои метод во неговото лудило“.

Џонсон им се восхитувал на преговарачките вештини на Трамп, кои досега ги доведоа САД на работ на трговска војна со Европа и го распарчија универзално признаениот нуклеарен договор со Иран, а изразил загриженост дека „Таборот за останување“ во срцето на британската влада може да премине многу од „црвените линии“ на брегзитерите со својот претерано претпазлив пристап во преговорите.

Обединетото Кралство ризикува да остане „заглавено во орбитата околу ЕУ, во царинската унија и во голема мера сè уште на единствениот пазар“, рече Џонсон, додавајќи дека верува оти британската премиерка Тереза Меј „ќе влезе во фаза каде што ќе бидеме многу поборбени со Брисел“.

Истакнувајќи дека потенцијалната пресметка со ЕУ може да доведе до „колапс“, тој ги уверувал присутните дека „на крај сè ќе излезе добро“.

„Океј? Не сакам некој да паничи за време на колапсот. Нема паника. Проклето нема паника“.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top