(Фотографии) 60 години јубилеј-Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Претседателот Иванов денеска се обрати на Свечената академија по повод 60-годишнината од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје..

„Човекот има неопходна потреба да комуницира и да се информира. Во основата на тоа е човековата потрага по вистината. Вистината за животот, за смислата на постоењето, за минатото, за светот околу себе и за сопственото место во него. Потрагата по вистината минува низ лавиринт на различни светогледи, професии и идентитети. Но секогаш, таа потрага се врши преку обмислениот, изговорениот и пишаниот збор.

Живееме во време на информации и брзи комуникации. Време кога годишно се издаваат околу 2.200.000 нови книги во светот. Тоа се околу 6000 нови публикации секој ден, односно по 250 книги секој час. До крајот на ова мое кратко обраќање, глобалниот човечки опус ќе биде побогат за 20-на нови наслови. Не знаеме точно колку од тие книги се издаваат на мајчините јазици на авторите. Но, јасно е дека јазикот е неопходен во потрагата по вистината и дека најблизок до човековото јаство е токму мајчиниот јазик.

Сево ова нè наведува на прашањето за тоа што за нас претставува нашиот мајчин, македонски јазик. Зошто македонскиот јазик е дел од она што сме? Кои се придобивките и предизвиците за македонскиот јазик?“ рече во обраќањето претседателот Иванов.

„ Македонскиот јазик се соочува со предизвици. Некои се стари и локални, а други современи и глобални.

„Непризнавањето или погрешното признавање може да нанесе штета, може да биде облик на угнетување кое го затвора човека во еден лажен, искривен облик на бивствување,“ рече канадскиот филозоф Чарлс Тејлор. Негирајќи го нашиот македонски јазик, некои сè уште ја следат погубната логика на непризнавањето и исклучувањето. 

Затоа, како општество, жестоко реагираме на сите обиди да се избрише терминот „македонски јазик“ од меѓународните регистри и извештаи. Како држава, решителни сме да ги заштитиме и да ги промовираме македонскиот јазик и македонското творештво, како дел од светското духовно културно наследство. Институтот за македонски јазик има важна улога на овој план“, истакна во обраќањето претседателот Иванов.

„Вториот предизвик е современ и глобален. Чест ми е што еден брилијантен млад полиглот од Босна и Херцеговина е член на мојот Совет за меѓународни односи, Мухамед Мешиќ. Меѓу 77-те јазици што Мешиќ ги зборува се и 15 акутно загрозени јазици. Тоа нè потсетува на реалноста во која живееме, а тоа е дека на секои 14 дена изумира по еден јазик во светот.

Со самото тоа што денес македонскиот јазик го зборуваат неколку милиони луѓе во Република Македонија и надвор од неа, иднината е обезбедена и сигурна“, рече македонскиот претседател во обраќањето.


„Во нашата дигитална ера треба да се сосредоточиме на дополнително промовирање и осовременување на македонскиот јазик. Да се приспособиме кон современата терминологија на новата аудиовизуелна генерација, без притоа да го заборавиме богатството на старите, изворни македонски зборови. 

Институтот за македонски јазик има навистина голема заслуга на тој план. На крајот, посакувам Институтот за македонски јазик и во децениите што се пред нас да продолжи да се грижи за, како што вели Блаже Конески „единствената наша комплетна татковина“, истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов, кој воедно е покровител на Свечената академија по повод 60-годишниот јубилеј, на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје, му го додели признанието „Повелба на Република Македонија“.

Признанието „Повелба на Република Македонија“ на Институтот за македонски јазик од Скопје, се доделува за постигнатите резултати во научноистражувачката дејност на полето на сестраното проучување и негување на македонскиот јазик, со што даде значаен придонес во напредокот на македонската научна мисла и во промовирањето на македонскиот јазик и македонската култура во светот.

Повеке фотографии од настанот погледнете овде


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top