(ФОТОГРАФИИ) Богослужба во „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј ги поздрави присутните верници и ги поучи преку пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме..

На 07.09.2019 година, во 11-та сабота по Педесетница и на празникот Пренесување на моштите на св. апостоли Вартоломеј и Тит, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Ефтим Бетински и Никола Христоски, игуменот Гаврил, протоерејот Јован Димитров и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Семилостивиот Бог, откако се исполнило времето, се сожалил на човечкиот род кој тонел во грев и во смртна сенка поради неговото отстапништво од Бога и сецело предавање на демонскиот свет. Откако не помогнале ниту пророците, ниту учителите што Бог ги праќал во Стариот завет за да го поправи пред сѐ Еврејскиот народ, а потоа и севкупниот човечки род, Бог Го испратил и Својот единороден Син, Господа Исуса Христа од небесните височини. Тој се роди од Дева и да жртвуваше својот живот како искупотелна жртва за целото човештво, за да го избави и спаси и повторно да му ја даде можноста да биде во единство со Бога.

Откако Господ Хртистос наполнил триесет години, бивајќи полнолетен според еврејскиот закон и имајќи право да излезе на проповед и да поучува, Тој ја започнал својата месијанска и учителска дејност, проповедајќи го Евангелието и подготвувајќи го народот да ја прими верата Христова. Христос како сезнаен Бог знае дека и по Неговото страдање и погребение, Неговата проповед треба да ја продолжат, избрани луѓе кои треба да го рашират словото Божјо. За таа цел, Господ Исус Христос најпрво избрал дванаесет ученици наречени апостоли, а потоа уште седумдесет, кои Го следеле Христа во Палестина. По Неговото воскресение и вознесение, а особено по слегувањето на Светиот Дух врз нив на Педесетница, овие негови ученици биле утврдени во верата. Тие биле просветлени од Светиот Дух, па од слаби, плашливи и колебливи, постанале бестрашни, храбри, силни и никакви пречки и закани не можеле да ја сопрат нивната проповед и нивното апостолско дело.

Денеска светата Црква прославува еден од дванаесетте апостоли. Поточно го прославува празникот Пренос на моштите на светиот апостол Вартоломеј. Овој апостол бил тесно поврзан со постариот апостол Филип и го проповедал Евангелието најпрво во Мала Азија, а потоа и во Индија и Ерменија. Не треба да заборавиме дека христијанството сѐ до почетокот на четвртиот век било прогонувано од страна на Римските императори и многубожечките жреци. Така, свети апостол Вартоломеј, во малоазискиот град Ерапол, покрстил голем број незнабошци, што предизвикало револт кај непокрстените и поради тоа бил осуден на смрт и распнат на крст заедно со апостолот Филип. Провидението Божјо сакало Филип да го заврши својот живот во овој малоазиски град. Но, поради знаците од земјотреси и други природни непогоди, незнабошците се исплашиле и одлучиле овие праведни души да ги симнат од крст. Филип како постар, веќе бил починат, а Вартоломеј бил симнат жив. Тој ја напуштил Мала Азија, одејќи најпрво во Индија, а потоа во Ерменија, каде го проповедал словото Божјо. Во Ерменија исто така покрстил голем број луѓе, па дури и тогашниот цар на Ерменија. Но, многубожечкиот брат на царот ги наговорил жреците, апостол Вартоломеј да биде осуден на смрт. Така, овој апостол Божји го завршил маченички својот живот. Благочестивите христијани го погребале неговото тело во ковчег од олово и од неговите свети мошти почнале да се случуваат многу знаци и чуда. Со тоа многубошците биле разгневени уште повеќе, па одлучиле ковчегот да го фрлат во морето, заедно со ковчезите на други маченици. Но по Божја промисла, ковчезите не потонале, туку биле носени по морето сѐ до Италија, каде стигнале на различни места. Моштите на свети Вартоломеј стигнале до Липарските острови. Епископот на овие места по име Агатон имал видение дека кон брегот на неговата столица доаѓаат мошти на свети апостол Вартоломеј, па тој заедно со свештенството и верниот народ ги пречекал овие мошти и ги пренел во црквата посветена на овој апостол. Тука моштите почивале сѐ до доаѓањето на Турците, кога моштите биле пренесени во Неаполскиот град Бенвенит.

Светите апостоли ја проповедале науката Христова со цел на сите нас, христијански верници, да ни го покажат вистинскиот пат за да се просветлиме и осветлиме со евангелската вистина, па да се преобразиме како вистински Христови ученици и следбеници. Тоа подразбира не само формално да припаѓаме на Црквата, туку и да живееме според начелата и принципите, за кои светите апостоли ги дале и своите животи. Од нас денес никој не бара мачеништво или страдање заради ова. Но Бог бара од нас да отфрлиме секакво зло, секаква лоша мисла и дело и да ги замениме со благородност, чесност, светост, па така да живееме во мир и согласност со сите. Самиот Христос вели дека токму по тоа ќе не познаат дека сме Негови ученици – ако имаме љубов помеѓу себе. По молитвите на светиот апостол Вартоломеј, Бог да ги услиши нашите молитви и да ни подари силна вера преку која ќе ги спасиме нашите души. Амин.

Пренос на мошти на свети Вартоломеј
„Света Богородица" Сиденхам, Мелбурн
07.09.2019 год.

sidenham2019 1sidenham2019 2sidenham2019 4sidenham2019 5sidenham2019 6sidenham2019 7sidenham2019 8sidenham2019 9sidenham2019 10sidenham2019 11sidenham2019 12sidenham2019 13

Извор: Дебарско-Кичевска Епархија


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top