Фотографии: Достоинствено прославување на Бадник и Божик во Сиднеј

Македонците во Сиднеј достоинствено ги прославија Бадник и Божик.

Пастирите и мудрeците се поклониле на Богомладенецот Христос а ангелите пееле од небесата „Слава на Бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“.

Божиќ, Христовото раѓање, овој голем христијански празник и во Австралија верниците го дочекаа со голема радост и празнично расположение во Македонската православна црква „Св. Петка“ во Рогдаел,

Децата, како ангели од се срце и со радост се причестуваа и го славеа раѓањето Христово, а возрасните се радуваа од оваа глетка и посакуваа во иднина сите деца да останат верни на македонската традиција и вера за да го слават Бога.

Црквата „Св. Петка“ беше преполна, како река народ, доаѓаше и се сливаше во дворот на Црквата, а улиците беа полни со македонци, православни верници кои со голема радост и љубов доаѓаа за да се поклонат на Богомладенецот Христос и да ја сведочат вистината за својата православна вера.

Радостa беше присутна на лицата на сите, а посебно кај најмладите кои велеа: Христос се Роди! Навистина се роди!

Парохискиот свештеник  на црквата „Св. Петка“ протоереј Митко Митрев, го прочита Божикното Послание од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква и посебното Божиќно Послание од Надлежниот Епархиски Архиереј, Митрополитот Петар, упатени до сите верници на МПЦ, каде што ги пренесе пораките и благословот, нагласувајќи дека овој голем ден е почеток на спасението за луѓето при тоа повикувајќи да живееме христијански богоугоден живот, да ја чуваме верата, да ги упатуваме младите во верата наша православна, да се сакаме несебично со вистинска христијанска љубов и пред себе да ја имаме како мото пораката на Светиот Апостол Јован: „Да не се сакаме само со зборови, туку со дела и вистина“.

На Бадниковата вечер беше организирана заедничка трпеза за верниците на двете Македонски православни цркви: „Св. Христово Воскресeние“ и „Св. Петка“ од Рогдаел, на која најсреќниот верник Трајан Чкламовски  го доби златникот и со тоа се здоби со кумство за следната година. Останатите верници ја споделија радоста со него, а најмладите со коледарската опрема и песни му дадоа старокрајски карактер на Бадникот и со мислите за кратко сите се вратија во родните места.

Со желба да ви ја пренесеме Божиќната радост од Сиднеј, најискрено сите ве поздравуваме, со традиционалниот Божиќен поздрав,

Христос се роди! Навистина се роди!

Павлина Змејкоска, член на Управниот одбор на Македонската Православна Социјална Служба за Нов Јужен Велс со седиште во Сиднеј.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top