(ФОТОГРАФИИ) Една година после опожарувањето на „Трескавец“ - Заврши истрагата

Веќе од денеска случајот е во надлежност на Основното јавно обвинителство.

По повод навршувањето една година од пожарот во манастирот „Трескавец“, денеска, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, на средба со новинарите, најави дека Заводот и музеј работи на дополнување на основниот проект за санација, реконструкција и реставрација на конаците, во согласност со насоките што ги дала комисијата од Националниот конзерваторски центар.

„Во тек се дополнувањата односно корекциите што беа посочени, а се однесуваат на решенија за армирано бетонската конструкција и корекција на детали на дрвените елементи, заради постигнување автентичност на конаците. Ќе се работи студиозно за да се завршат дополнувањата како што треба по сите насоки на комисијата, пред сѐ поради поголема стабилност на објектот и за естетскиот изглед и автентичноста на конаците. Инаку, се работи за голема површина од 1.400 квадратни метри“ - информира Гордана Д. Спироска, директорка на прилепскиот Завод и музеј.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека од интерес на градот е што поскоро да се возобноват опожарените конаци од манастирскиот комлекс „Трескавец“. 

- Сега кога се изгради патот, кога има интерес за посета на манастирот, очекуваме возобновувањето да заврши побрзо, вложуваме во развој на манастирскиот туризам и очекувањата се годишно над 100 илјади посетители да доаѓаат на „Трескавец“

Градоначалникот Ристески упати апел до сите граѓани на Р. Македонија да ја покажат својата хуманост и да донираат на жиро-сметката на манастирот за изградбата на конаците.

Точно по една година од катастрофалниот пожар во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“-Трескавец, заврши и истражната постапка за стихијата и веќе од денеска случајот е во надлежност на Основното јавно обвинителство.

Според Жарко Велески, портпаролот на Судот во Прилеп, дополнителното трето и последно вештачење ги потврди првите две, дека пожарот избувнал во гостинската соба број шест од искри од огништето, односно ќумбето во просторијата.

Првите искри веднаш го зафатиле дрвениот ѕид од ламперија и пожарот се пренесол и ги зафатил конаците кои попладнето на 4 февруари лани целосно изгореа. Сега, како што објаснува Велески, на потег е Основното јавно обвинителство.

Од Обвинителството кратко информираат дека за 4-5 дена ќе се изјаснат за случајот. 

Повеќе фотографии од опожарениот манастир погледнете тука 


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top