(Фотографии) Министерот Ристовски и Европратеникот Пак го посетија ИБ училиштето „Браќа Миладиновци“

Во ОУ „Браќа Миладиновци“, од оваа учебна година е воведена меѓународната ИБ програма.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, заедно со пратеникот и претседател на комисијата за образование и култура во Европскиот парламент, Дорис Пак, го посетија основното училиште „Браќа Миладиновци“, во кое од оваа учебна година е воведена меѓународната ИБ програма. Ристовски истакна дека е задоволен од тоа како се одвива наставата по новиот модел и додаде дека за посетата на Пак го избрале ова училиште зашто со ОУ „Св. Кирил и Методиј“, се двете во кои се спроведува ИБ програмата, најновата реформа на МОН.

„Сакавме госпоѓата Пак да го посети ова училиште, да се увери во можностите и капацитетите на нашиот образовен систем и да се фокусира на можноста која Република Македонија ја дава во насока на сериозни инвестиции во образованието, не само во инфраструктурата, туку инвестиции во вистински развој и креирање вистински образовен систем. Ова е посебна програма во која децата се многу повеќе интерактивно вклучени во практичната работа и во информатичката технологија“, рече Ристовски.

Европратеникот по посетата на две одделенија во кои наставата се одвива по ИБ програма, рече дека училиштето е современо по содржината и дека видела многу деца со отворени умови кои сакале да разговараат со неа. 

„Тука се обучуваат деца за да станат добри граѓани на Европа. Стандардот тука е одличен, дури можам да кажам дека би била среќна доколку и во Германија имаме училишта со ваков стандард. Ова е специјализирано училиште кое, пред се, се базира на развивање на интернет вештините“, изјави Пак.

Пак додаде дека треба да се искористат можностите што ги нудат различните европски образовни и младински програми кои се достапни и за Македонија и дека со помош на МОН треба да се охрабрат многу млади и професори да учествуваат во вакви програми, зашто тоа е размена на знаења за Европа.

Меѓународната ИБ програма во Македонија е воведена од први септември 2013 година во одделенска настава за учениците од прво до петто одделение.Следната ќе се имплементира и во предметната настава од шесто до деветто одделение. Во светот оваа наставна програма ја практикуваат повеќе од 145 земји и се реализира во 3 500 училишта. За разлика од останатите земји каде најчесто по ИБ се учи во приватни училишта и е многу скапа, во Македонија е бесплатна и родителите и училиштата немаат дополнителни финансиски трошоци за спроведување на овој наставен модел.

Повеќе фотографии од настанот погледнете тука


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top