(Фотографии): Предавањe акредитиви - Словачка Република и Кралство Мароко

Претседателот Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Словачката Република и на Кралството Мароко во Република Македонија..

„Сакам да се заблагодарам за сета досегашна поддршка од Вашата земја, а особено за поддршката на евроатлантските аспирации на Република Македонија. Огромниот економски и севкупен општествен прогрес што го забележа Словачката Република, но и останатите земји од Централна Европа во последните две децении, ќе продолжи да биде инспирација за Република Македонија, од аспект на изградбата на просперитетна држава, така и од аспект на нејзиното целосно вклучување во евроатлантските интегративни процеси“, истакна во обраќањето претседателот Иванов.

„Ве уверам дека во периодот на вршењето на мојата дипломатска функција во Вашата земја ќе направам се, со цел пријателските односи и коректната соработка меѓу Словачката Република и Република Македонија да се продлабочи и да се унапреди во сите области од заеднички интерес за доброто на граѓаните на двете земји“, рече амбасадорот Безак во поздравното обраќање.

„Кралството Мароко верува во европската перспектива на Македонија и цени дека вашата земја ќе даде значајна додадена вредност во Европската Унија. Како што Мароко има напреден статус во односите со Унијата, вашето интегрирање со сигурност ќе отвори нови хоризонти во нашите билатерални односи“, истакна во поздравното обраќање новоименуваниот амбасадор на Кралството Мароко.

На средбата со новиот амбасадор на Кралството Мароко, Н.Е. г-ѓа Латифа Акарбах, претседателот Иванов упати честитки за именувањето на должноста и изрази очекување за продолжување на успешниот политички дијалог и интерес за посодржинско развивање и унапредување на меѓусебните односи.

„Ценам дека постои потенцијал во нашите две земји за унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес, а особено за зголемување на економската соработка и на трговската размена. Затоа е потребно понатамошно зајакнување на правната рамка и се надевам дека сите договори кои се веќе усогласени ќе се потпишат во најскоро време“, порача во поздравното обраќање претседателот Иванов.

Новиот амбасадор на Кралството Мароко, г-ѓа Акарбах, потенцирајќи дека е почестена што е именувана за амбасадор во земја со богато културно и историско наследство, истакна дека ќе се залага за унапредување на билатералните односи и остварување на соработка во сите полиња од заеднички интерес.

На церемонијата по повод предавањето на акредитивните писма од страна на амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. г. Мартин Безак, претседателот Иванов, упати честитки за именувањето на прв резидентен aмбасадор на Словачката Република во Република Македонија, и му посака успех во извршувањето на одговорната функција.

На средбата беше истакнато дека Република Македонија и Словачката Република имаат традиционално добри и пријателски односи и беше изразено очекување за унапредување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и динамизирање на севкупните односи, особено на економски план.

Повеке фотографии оф настанот погледнете во галеријата:


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top