(ФОТОГРАФИИ) Се „позлати“ црквата „Св Петка“ во Рокдаел

Деновиве од Македонија пристигнаа новите икони кои ќе служат како замена на досегашните стари икони на прекрасно изработениот дрвен иконостас..

Старите икони ќе бидат зачувани во посебна изградена галерија како дел од историјатот на овој свет храм и на македонската заедница во Сиднеј и Австралија. 

За таа прилика по покана на свештеникот и управата на “Света Петка”, специјално од Мелбурн допатува и Архимандритот Гаврил од манастирот “Св. Климент Охридски” од Кинглејк - Мелбурн, како надзор а, затоа што иконите беа порачани во времето додека тој ја вршеше улогата на парохиски свештеник во оваа Црква. 

Иконите се изработени од вредните раце на монахињите од Македонската иконописна школа на манастирот Воведение на Пресвета Богородица - Елеуса во Струмичка Епархија. Тие се живописани во стилот на нашите средновековните македонски манатири и цркви на познатата Македонската иконописна школа со природни материјали и позлата од 24 каратно злато, и се уникатни во нашите цркви во Австралија. 

Благодарение на вредните раце на мајсторот Илија Ацески, на луѓето од управата и на оние кои несебично се вложија, сета работа се заврши за само еден ден.

Голема благодарност и до г-динот Крсте Ѓоргиевски од компанијата “Марко Поло” од Сиднеј кој овозможи иконите бесплатно и безбедно да бидат транспортирани од нашата Татковина. 

Црковната Oпштина “Св. Петка” од Рокдаел - Сиднеј, откако премина во Австралиско - Сиднејската Епархија под Митроплитот Тимотеј, постојано бележи успеси на сите страни. Како што знаеме, со децении оваа црква беше изложенувана на непотребни судски трошоци и стресови, но и покрај нив опстана и сега откако се ослободи, покажува вистински напредок во  великолепноста на богослужбите и украсувањето на црквата. 

Пофалби за Црковната управа, кои заедно со парохискиот свештеник о. Владо Недески, напорно работат за подобрување на угледот на македонската заедница и црковниот животот во Сиднеј. Тие се вистински пример како се сака својата Црква и Нација и уште еднаш покажуваат дека каде има мир и слога, таму е и Бог и напредокот е неизбежен.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top