(Фотографии): Свечена академија по повод 11ти Октомври

Претседателот Иванов вечерва се обрати на Свечената академија по повод 11 Октомври - Денот на народното востание..

“ Ако некогаш Македонците се бореа против злото на фашизмот и нацизмот, денес Република Македонија се бори за придобивките што произлегоа од победата над фашизмот и нацизмот. Република Македонија се бори за почитување на меѓународното право како една од основите на меѓународниот поредок. Право, кое е придобивка на победниците од Втората светска војна”, истакна претседателот Иванов.

На 11 Октомври, истакна претседателот Иванов, Република Македонија прославува 72 години од почетокот на народното востание за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор.

“ Ние ја живееме слободата за која пожртвувано се бореа и се изборија храбрите борци во Народноослободителната и антифашистичка борба. Нашите деца безбедно растат под знамето на слободата, знаме под кое се бореа илинденците и АСНОМ-ците. Благодарение на нив, ние денес сме свои на своето. За тоа сме им вечно благодарни”, посочи претседателот Иванов, потсетувајќи на злото од фашизмот и нацизмот кои, како што рече, донесоа повеќе смрт од која било друга човечка идеја. 
"Овие погубни идеологии се уште не се мртви и не се целосно искоренети од Европа".

“Со загриженост ги следиме појавите на радикализам и екстремизам во Европа, па и во нашето непосредно соседство. Ги охрабруваме напорите за нивно сузбивање. Сепак, неопходно е да се третираат причините, а не само последиците на овие негативни појави кои ги загорчуваат пријателските односи меѓу народите и државите”, потенцира македонскиот претседател.

Македонскиот претседател истакна дека без сеќавање, нема иднина и додаде оти Европската унија треба да учи од минатото на разединета Европа.
“Лекцијата од Втората светска војна е дека во услови на криза треба да се биде проактивен, а не пасивен. Во услови на криза треба да се бараат решенија, а не изговори. Токму во моменти на криза треба принципиелно да се бранат заедничките вредности, слободата, демократијата, човековите права и човековото достоинство. Секогаш кога се прави компромис со темелните вредности, се поткопува темелот врз кој е изградена слободата и демократијата”, рече претседателот Иванов.

Повеке фотографии од настанот погледнете во галеријата:


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top