(Фотографии) Свеченост по повод 20 години Паневропска унија на Македонија

Иванов доби благодарница за неговата лична и политичка поддршка на Паневропската унија на Македонија.

„Годинава прославуваме 20 години од формирањето на Паневропската унија на Македонија и нејзиното зачленување во Меѓународната Паневропска унија. Во турбулентен период кога Македонија беше меѓународно оспорувана, блокирана и потиснувана, меѓународната Паневропска унија стана наш неуморен застапник во Европа. Со почит се сеќаваме на зборовите на големиот Европеец и архитект на проширувањето на Европската унија, д-р Ото фон Хабсбург, кој рече дека „Европа нема да биде целосна без Македонија во неа“, рече претседателот Иванов.

„Македонското членство во Меѓународната Паневропска унија не е единствениот јубилеј што го одбележуваме.

На 1 ноември 1993 година, пред точно 20 години, стапи на сила Договорот за Европската унија од Мастрихт. Договор во кој европското лидерство ја потврди својата „приврзаност кон принципите на слобода, демократија и почитување на човековите права и фундаменталните слободи и владеењето на правото“. Договор втемелен врз желбата „да се продлабочи солидарноста меѓу народите истовремено почитувајќи ја нивната историја, нивната култура и нивните традиции“. Овие идеали донесоа мир, надеж и единство на нашиот континент, на Југоисточна Европа и на Република Македонија и нејзиното многуетничко, многурелигиско и многујазично општество“, рече претседателот Иванов.

На свеченоста, на претседателот Иванов му беше доделена благодарница за неговата лична и политичка поддршка на Паневропската унија на Македонија во напорите за интеграција на Република Македонија во Европската унија.

„Вредностите на Европската унија се Паневропски вредности. Корените на Европската унија се напојуваат од Паневропскиот извор. Секогаш кога нештата изгледаат нејасни, неопходно е да се вратиме на изворот, каде водата е најбистра. Грофот Калерги рече: „Постои само еден радикален начин за трајно и праведно решение за прашањето за Европските граници, а тоа е: не промена, туку укинување на тие граници“. 

Зборовите на Грофот Калерги се особено актуелни денес, кога Европа се соочува со предизвици.

Европската унија сеуште закрепнува од економската, финансиска и кредитна криза. Некои од традиционалните европски вредности се доведени во прашање. Нетрпеливоста, радикализмот и екстремизмот повторно се во пораст. Очекувавме дека дел од земјите од регионот на Југоисточна Европа што порано станаа членки на Унијата ќе придонесат за европеизација на Балканот. Наместо тоа, сведоци сме на балканизирање на европските политики кон Република Македонија. Наместо европеизација на Балканот, имаме балканизација на Европската унија. Се почесто се користи ветото како средство за блокирање на европската иднина на два милиони Европејци – македонски граѓани. Тоа се одразува на добрососедството и европската иднина на Република Македонија, но и на целиот регион. 

Единствен начин да се надминат современите европски предизвици е доследно почитување на темелните европски вредности. Вредности на слободата, демократијата, владеењето на правото, почитување на основните човекови права, правото на самоидентификација и правото на човеково достоинство. Единствено придржувањето до овие паневропски вредности и принципи можат да му помогнат на европското лидерство да ја врати Европа на правиот пат.

Неодамна го добивме петтиот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Петтата препорака за отворање на преговори за членство на Република Македонија во Унијата е шанса за европското лидерство да ги надмине европските предизвици доколку се придржува до паневропските вредности.

Препораката за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија е порака до Унијата да остане доследна на своите ПанЕвропски корени. Од стеблото и гранките се бара да не се возгордеат пред коренот и изворот што го напојува. Коренот го држи стеблото, кое без коренот пресушува и не дава плод. Доследноста на Унијата е неопходна за одржување на нејзиниот интегритет и кредибилитет“, рече претседателот Иванов.

Во рамки на свеченоста, претседателот Иванов ја врачи наградата „Борис Трајковски“ на г-ѓа Валбурга Хабсбург Даглас. Наградата, во нејзино име, ја прими г. Георг Хабсбург.

Повеќе фотографии од настанот погледнете тука


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top