(ФОТОГРАФИИ+ВИДЕО) Навивачи на Зенит го прекинаа натпреварот со Динамо и тепаа противнички фудбалери

Навивачите на Зенит од Санкт Петербург втрчаа на теренот и предизвикаа прекин на натпреварот од 29-тото коло на руската Премиер лига со Динамо Москва..

Гостите водеа со 4-2, а во 87-мата минута неколку стотини незадоволни навивачи влетаа на теренот на стадионот „Петровски“, па играчите мораа да бидат спроведени од теренот во тунелот.

За жал, пред тоа, еден хулиган дотрча до Нетаи, играчот на Динамо, и го удри, но беше избегнат уште поголем инцидент.

Зенит е прв со 60 бодови, но со поразот во овој натпревар значително си ја отежна ситуацијата, поради тоа што Локомотив има еден бод помалку, а ЦСКА два помалку. Двете екипи од Москва имаат и натпревар помалку – ЦСКА го дочекува Томск, а Локомотив гостува во Ростов.

Сè почна како што треба за тимот на тренерот Андре Вилаш-Боаш, Дани го постигна водечкиот гол во шестата минута. Јусупов изедначи во 35-тата минута, а потоа Зенит целосно беше соборен во второто полувреме – Фернандес во 57-мата, Нобоа во 65-тата и Курањи во 71-вата минута му донесоа убедлива предност на тимот од Москва.

Неколку минути пред прекинот, Кержаков постигна убав гол од дваесет метри, но тогаш натпреварот беше прекинат и извесно е дали ќе биде продолжен. Се чека одлуката на Фудбалскиот сојуз на Русија.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top