Фракција на ВМРО-ДПМНЕ: Амнестија за 27 април е амнестија на терористите од Диво наслеље

Реакција на Демократската Фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

Со барањето за амнестија за 27 април, грујовистичкиот лидер Мицковски се обидува да му се додвори на членството на ВМРО ДПМНЕ како и да го симне од себе и од партијата товарот кој свесно им го натоварија на осудените, обвинетите и осомничените за случувањата од 27 април, неводејќи сметка за шетните последици по државата, сметаат фракционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Демократската фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ реагира на говорот на Христијан Мицкоски на протестниот марш во Струмица дека тој, повторно во стилот на неговиот ментор Груевски, со своето голо популистичко барање за амнестија сосема свесно одработува и за амнестија на други осудени лица.

„Мицковски е свесен дека задоволувањето на ова негово барање ќе предизвика и барање за амнестија на терористите од Диво Насеље во пакет. А тоа не смее да се случи. Впрочем и ништо не нè зачудува кога нешто излегува од партиската кујна на оваа постава на ДПМНЕ, бидејќи  сите од сегашнава раководна партиска структура беа прислужници и слепи извршители на политиките на Груевски, посебно во делот кога ја потпомагаа и поддржуваа амнестија на сторителите на монтруозни кривични дела од 2001 година“, велат од фракцијата.

Тие порачуваат дека неконзистентниот и наметнат лидер Мицковски, наместо со вакви нереални барања и ветувања, својата енергија треба да ја насочи во помагање на осудените од 27 април на друг начин. За почеток најдобро е да одвојат дел од огромните финанискиски средства со кои располага партијата и партиските функционери и финансиски да ги помогнат семејствата на осудените и останатите осомничени и обвинети од 27 април доколку сметаат дека се невини.

„На сите оние кои се обвинети, осомничени или осудени да им понуди најквалитетна бесплатна правна помош и одбрана со цел да се искористат сите (нови и стари) факти како и редовни и вонредни правни лекови кои им стојат на располагање пред надлежните органи за да ја докажат својата невиност или пак политичка монтировка. Сѐ друго е само обид за залажување на јавноста и собирање на евтини полтички поени. Свесното и нечесно играње на картата на ваков популизам значи не водење сметка за штетните последици по државата кое може да го направи ова нереално ветување и барање“,стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ - Демократска фракција.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top