Франција и Италија се караат околу војната во Либија

Франција и Италија се расправаа денес околу начинот на решавање на обновениот конфликт во Либија, додека силниот отпор ги сопре силите на генералот Калифа Хафтар пред јужните преградија на Триполи..

Според податоците на ОН, во борбите меѓу силите на Хафтар и меѓународно признатата влада во Триполи убиени се најмалку 56 луѓе, а околу 8 илјади луѓе ги напуштиле своите домови во Триполи во изминатата недела.

Репортерот на Ројтерс слушнал повремени пукања и експлозии, додека Либиската национална армија (ЛНА) се соочува со силите на премиерот Фајез ал Сарај, во близина на меѓународниот аеродром Аин Зара.

Хафтаровиот напад на Триполи е најновиот потег во граѓанската војна и последичниот хаос кои владеат во Либија од 2011 година, кога беше урнат и погубен Моамер Гадафи.

Откако го освои југот на земјата, ЛНА сопре пред предградијата на Триполи, на 11 километри од центарот на градот. ЛНА зазема и губи одредени позиции повеќе пати.

Италија, поранешната колонизаторка на Либија, ја предупреди Франција, која е во добри односи со Хафтар, да се воздржи од каква било поддршка на таа страна, откако дипломати соопштија дека Париз го саботира ставот на Европската Унија која побара од Хафтар да ја сопре офанзивата.

„Тоа би било многу сериозно доколку Франција., поради економски и трговски причини, ја блокира иницијативата на ЕУ за мир во Либија и ја поддржува страната која го нарушува мирот“, изјави италијанскиот вицепремиер Матео Салвини за Радио РТЛ. „Како министер за внатрешни работи, јас нема само да стојам на страна и да гледам“.

Франција, која поседува нафтени полиња во источна Либија, му пружила воена помош на Хафтар, тврдат либиски и француски извори, а беше и еден од клучните играчи во уривањето на Гадафи.

Италија ја поддржува владата на Сарај, која е призната од Обединетите нации.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top