Француската одлука за преговори со Македонија ќе ја носи лично Макрон

Не се донесени нови нацрт заклучоци за Северна Македонија и Албанија на денешниот амбасадорски совет во Брисел, на кој финското претседателство се надеваше дека ќе се постигне напредок во дискусијата за проширувањето..

Нема напредок во заедничката позиција на Европската унија за одлуката за почеток напристапните преговори со Македонија и Албанија. Франција сѐ уште нема конечен став, се чека на претседателот Макрон лично.

Од Советот на ЕУ за МИА информираат дека не се донесени нови нацрт заклучоци за Македонија и Албанија на денешниот амбасадорски совет во Брисел, на кој финското претседателство се надеваше дека ќе се постигне напредок во дискусијата за проширувањето.

– Утрово имаше кус преглед на позициите на сите земји членки на Унијата, вообичаено истите земји искажаа поддршка за брз старт на преговорите со двете земји, главно источните и јужноевропските држави, Холандија се покажа понаклонета кон Северна Македонија отколку кон Албанија, Белгија смета дека е важна внатрешната реформа на ЕУ, но од француска страна сѐ уште нема конечен став – велат за МИА дипломати од западните земји присутни на состанокот.

За сега, официјално, Париз се држи до добро познатата формула дека ја „поддржува европската перспектива на земјите од Западниот Балкан“, став кој мора да запази два принципа: почитување на владеењето на правото и борбата против корупција во земјите и внатрешна реформа на Европската унија претходно.

Од Советот велат дека од Франција не се очекува да ја дефинира јасно својата позиција најрано до самиот Совет за општи работи на 15-ти октомври во Луксембург, но не е исклучено прашањето да им се остави и на лидерите на ЕУ два дена подоцна на самитот во Брисел.

– Претседателот Макрон ќе ја носи одлуката лично во име на Франција – велат дипломатите во Брисел.

Според други дипломатски извори во ЕУ, изборот да се носи одлуката на ниво на шефови на држави и влади е стратегија на Париз за справување со притисокот со кој би се соочил од страна на земјите кои ќе бараат брзо отворање на преговорите со двете земји.

Друга непозната е одлуката на Холандија која се очекува идната недела. Според сигналите на холандскиот парламент и холандскиот министер за надворешни работи, многу е веројатно Хаг да побара појасно одвојување помеѓу Скопје и Тирана, односно поголема условеност за Албанија.

Ова е конзистентно и со ставот на германскиот Бундестаг кој неодамна изгласа чиста поддршка за Македонија, но условена за Албанија.

Домашните дипломати стравуваат дека доколку дојде до вакво сценарио, одредени земји членки би можеле да инсистираат на пакетот „Скопје-Тирана“ и да се спротивстават на старт на преговори само со Македонија.

Ставот на овие земји се темели врз страв дека преговори само со Македонија би предизвикало незадоволство во Албанија и би можело да има негативни последици врз стабилноста во регионот како и врз дијалогот помеѓу Приштина и Белград.

Од друга страна, поддржувачите на земјава потсетуваат дека отсуството на награда за компромисот направен од македонска страна за спорот за името испраќа „многу опасен“ сигнал до Белград, кој „не гледа причина“ да презема политички ризик околу косовското прашање, објаснуваат европските дипломати кои се запознаени со содржината на дискусиите помеѓу земјите членки.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top