(ГАЛЕРИЈА) Иванов: Соработката меѓу Македонија и Кина на највисоко ниво, со тренд за интензивирање

Политичката и економската соработка се надополнети со културната соработка.

Соработката помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина денес е на највисоко ниво на развој, како на политички, така и на економски план, со тренд на зацврствување и интензивирање, за што зборуваат и се почестите средби на највисоко ниво, истакна претседателот Ѓорге Иванов на приемот во Пекинг по повод одбележувањето 20 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

Основата за соработката, како што рече, е во споделените вредности на двете култури.

– Мирот и мирољубивата политика се идеја-водилка на двете држави. Секоја на свој начин, Република Македонија и Народна Република Кина придонесуваат кон градењето и одржувањето на светскиот мир, рече Иванов.

Осврнувајќи се на соработката на економски план, шефот на македонската држава рече дека Република Македонија ја препозна и ја прифати понудената поддршка од кинеската Влада за развивање на својата инфраструктура.

- Можностите за економска соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се неисцрпни. Имаме добри искуства на полето на енергетиката што треба да се прошири и продлабочи и на другите полиња, како што се земјоделството и кинеските директни инвестиции, рече Иванов.

Според него, политичката и економската соработка се надополнети со културната соработка.

– Неодамна имав задоволство да го отворам Институтот „Конфуциј“ на државниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Институт што дополнително ќе ги приближи пријателските народи, рече Иванов.

Обраќајќи се пред присутните на приемот во Салата на мирот во Кинеската асоцијација за пријателство со странски земји, шефот на македонската држава нагласи дека Република Македонија останува да биде сигурен кинески партнер во регионот на Југоисточна Европа.

– Македонската економија е отворена за кинеските инвестици. Македонските граѓани остануваат посветени на градењето пријателски врски со кинескиот народ, рече Иванов.

На крајот од обраќањето, претседателот Ѓорге Иванов посака следниот јубилеј да го дочекаме со уште поголема соработка и заеднички просперитет, како што рече, за сите нас.

По повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Народна Република Кина и Република Македонија беше промовирано пригодно плико изготвено од кинеска страна и поштенска марка изработена од македонска страна.

Повеќе фотографии погледнете тука




Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top