(ГАЛЕРИЈА) Претседателот Иванов се обрати на Форумот на Западна Кина

Форумот на Западна Кина се одржува од 2000 година.

Македонската економија е отворена кон Кина и кон светот. Нуди одлични можности за инвестирање и бизнис кои само треба да се препознаат и да се искористат, порача претседателот Ѓорѓе Иванов во своето обраќање на Форумот на Западна Кина, чија што тема беше „Балансиран развој и заеднички просперитет“.

“Кина е еден од нашите најблиски партнери и нашата соработка постојано се зацврстува и се интензивира на секое поле. Кина е една од 20-те земји со кои остваруваме најголем обем на трговска размена”, истакна македонскиот претседател, додавајќи дека позитивното искуство треба да се прошири и на други полиња.

Македонскиот претседател напомена дека постојат бројни можности и голем интерес за трговија. 

“Неодамна дознав дека околу 250 милиони кинески граѓани веќе купуваат он-лине. Тоа е голема можност за пласман на македонските производи на кинескиот пазар. Сакаме во периодот што следи, соработката меѓу двете економии да го достигне, па дури и да го надмине нивото на политичките релации”, истакна претседателот Иванов.

Укажувајќи на фактот дека Република Македонија има поволна географска позиција, претседателот Иванов ги запозна учесниците на Форумот дека преку Македонија можат да добијат пристап до 650 милиони потрошувачи во Европа и пошироко.

“Во услови на глобална економска и финансиска криза, успеавме да одржиме стабилна макроекономска политика. Македонската економија се одликува со ниска инфлација што во просек изнесува два отсто во последните четири години. Имаме избалансирани јавни финансии, низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Македонската работна сила е млада, образована, вредна и лојална”, истакна претседателот Иванов.

За унапредување на бизнис-климата за странските инвеститори Претседателот посочи дека се направени суштински реформи кои, како што рече, на инвеститорите им обезбедуваат повисок профит и зголемена компетитивност во однос на другите компании. Наброја неколку од бројните поволности што ги нуди Македонија, меѓу кои, ниски и рамни даноци од 10 отсто и регулаторната гилотина преку која се отстранети сите правни и административни бариери кои би можеле да се испречат пред потенцијалните инвеститори, за што потврда има и во глобалните извештаи. Притоа го спомена рангирањето на Форбс за 2012 година, каде Македонија се наоѓа на високото 37. место во светот според поволноста за отпочнување бизнис, извештајот на Светската банка „Доинг Бизнис”, според кој Македонија е петта најповолна дестинација во светот за започнување бизнис, како и фактот дека Македонија три години е најдобар реформатор во ЈИЕ, а две години по ред е трет во светот.

На крајот од обраќањето, претседателот Иванов изрази уверување дека компаниите присутни на овој Форум, како што рече, ќе го препознаат мигот и ќе ги искористат извонредните можности на Македонија за профитабилно инвестирање, за одржлив раст и развој, кои ќе донесат заеднички просперитет.

Форумот на Западна Кина се одржува од 2000 година. Партиципираат лидерите на повеќе кинески провинции, како и претставници на голем број држави, меѓународни организации и компании. Целта е да се воспостават економски и дипломатски врски, како и презентација на инвестициски проекти. Форумот се одржува на простор од 120.000 метри квадратни, а само лани биле потпишани околу 1600 договори вредни стотици милиони евра.

Повеќе фотографии од настанот погледнете тука.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top