Гардијан: Хрватската полиција со боја им црта крстови на главите на емигрантите

Британски Гардијан тврди дека хрватската полиција со боја во спреј им црта крстови на главите на емигрантите кои бараат азил при обидите за минување на границата од Босна..

Гардијан објави фотографии од инцидентот кој голем број организации за човекови права го опишаа како „најновото понижување“ на хрватските власти на емигрантите кои патуваат по балканската рута.

ОН побара од хрватската влада да ги истражи сите тврдења за малтретирањето, пренесува хрватски Индекс.

„Очигледно е дека една од причините е намерно понижување на бегалците и емигрантите кои се обидуваат да ја минат границата“, вели Џек Сапок од невладината организација Но нејм кичен (ННК).

„Колку што можам да сфатам, постојат два можни мотиви. Или хрватските власти користат боја во спреј за да ги идентификуваат и понижат оние емигранти кои во повеќе наврати се обидуваат да ја минат границата, или, што е уште позагрижувачко, користат верски симбол за психолошки да ги малтретираат овие мажи, кои се главно муслимани“, вели Сапок.

ННК наведе дека на 6 мај во Полјана во Босна емигрантите биле избркани назад и обоени со портокалова боја. Одземени им биле парите и мобилните телефони.

Гардијан наведува дека друга група на 7 мај се вратила во кампот Мирал покрај Велика Кладуша и опишала слична постапка на хрватската полиција.

Хуманитарни работници на ОН го документирале системското малтретрање на хрватската полиција, која често ги тпала емигрантите, пукала во нив, ги ограбувала или дури им ја земала облеката.

Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР, соопшти дека е „длабоко загрижена поради пријавеното насилство и постапувањето со емигрантите и бегалците од страна на хрватската полиција“.

„Нашата организација и претходно доби веродостојни извештаи од луѓе кои тврдат дека се незаконски вратени од Хрватска во БиХ и Србија“, кажа за Гардијан Зоран Стевановиќ од УНХЦР.

„УНХЦР побара од хрватската влада да ги истражи сите тврдења за кршења и злоупотреби и да воспостави независен механизам на проценка за да се утврдат фактите за ситуацијата на границата“, додаде тој.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top