ГЕРМАНИЈА: 1.000 ЕВРА НАГРАДА ЗА ТОЈ ШТО ЌЕ НАЈДЕ РАБОТНИЦИ!

Во Германија сè уште има околу милион слободни работни места. Работодавците велат дека нема доволно кандидати за вработување..

Во Германија никогаш не постоела толку голема побарувачка за работна сила како сега.

„Шпигел“ во своето онлајн-издание пишува: „На радио, на плакати, на интервјуа, на интернет – компаниите очајно бараат нови работници. Целата економија е во подем, извозот цвета.

Неодамна се објавени резултатите од новите истражувања на растот на бруто-домашниот производ во оваа земја, ЕУ и еврозоната... Многу економисти предупредуваат дека Германија се наоѓа во фаза на прегревање... Нешто не е во ред. Овој бум има карактеристики кои во поранешните фази на подем ги немало.“

„Прегревањето настанува кога актуелниот стопански подем ги надминува производните можности. Таа разлика, што се нарекува дупка во производството, во Германија е сè поголема. Процените се движат од нешто повеќе од нула проценти од БДП, па до три проценти. Тоа не е никакво чудо затоа што дупката во производството може да се измери само врз основа на податоци што пристигнуваат со задоцнување. Еден од показателите на силно прегревање е и недостигот на работна сила во делови од стопанството.“

За недостигот на работна сила пишува и весникот „Рајнланд фалц онлајн“, кој пренесува еден интересен случај од градот Лангенфелд: „Стручните лица предупредуваат дека следните години во Германија ќе има голем недостиг на негуватели. Тоа значи дека на клиниките и на медицинските служби им е сè потешко да најдат персонал. Затоа, болницата ’Св. Мартин‘ во Лангенфелд се послужи со една необична метода: интерно распишала премија од 1.000 евра за оној што ќе најде квалификуван негувател“.

„Ова предизвика многубројни реакции во јавноста. А шефот на клиниката објасни дека премијата ќе биде исплатена откако вработениот персонал ќе работи најмалку една година во болницата со полно или скратено работно време.“ Тој укажа и дека во слободната економија нормално е да се исплаќаат премии за посредување при вработување на работна сила. Од друга страна, постојат и критики на ваквиот потег. Така, претставникот на синдикатот, Верди, истакна дека ваквата понуда всушност не зборува добро за клиника која на ваков начин се обидува да дојде до работна сила.

Германската железница „Дојче бан“ распиша, ни помалку ни повеќе, 1.000 конкурси за нови вработувања за само една недела, за што пишуваше весникот „Берлинер моргенпост“.

„Таа понуда е дел од најголемиот германски конкурс за вработување. Поради тоа, зградата покрај германската железница беше отворена за заинтересираните и во саботата до 22 часот. Освен тоа, таму веќе се претставија 300 кандидати за конкретни разговори за вработување. Во неделата имаше десетина интервјуа. Една кандидатка доби работа. Таа ќе управува со локомотива на товарен воз.“


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top