Германската амбасада донира осум респиратори

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска оствари средба со германската амбасадорка Анке Холштајн по повод обезбедената помош од Амбасадата во справувањето со пандемијата на Ковид-19..

Како што информираат од Министерството, станува збор за осум респираторни апарати, тип „дрегер евита В 600“, кои имаат модул и за инванзивна и за неинванзивна нега.

„Со оваа донација се зајакнуваат капацитетите на јавните здравствени установи во земјата. Вкупната вредност на донацијата изнесува над 230 илјади евра, а таа е обезбедена преку сојузната организација за техничка помош THW“, се наведува во соопштението.

Амбасадорката истакна дека медицинските апарати доаѓаат во вистинско време кога е потребна помош.

„Оваа донација е по иницијатива на сојузната влада за време на германското претседателство во советот на Европската Унија за помош на државите од Западен Балкан при пандемијата на Ковид-19. Со оглед на актуелните состојби, главен акцент на нашето претседателство е справување со пандемијата и нејзините последици. Овде, во регионот на Западен Балкан, сакаме да покажеме дека нашите партнери при борбата може да се потпрат на нас. Германија досега го поддржува регионот со 15 милиони евра. Освен тоа, Европската Унија помага со 3,3 милијарди евра, во кои Германија учествува со речиси една третина. Вкупната вредност на донацијата е 233 илјади евра, а се имплементира преку германската сојузна агенција за цивилна заштита THW“, потенцира Холштајн.

Министерот Филипче ѝ се заблагодари на Амбасадата на Германија за континуираната помош и за досегашната успешна соработка во справувањето со коронавирусот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top