Ѓорѓи Спасов: Али Ахмети ли најде да зборува за Гоце Делчев - па тој 16 години еден збор не гукнал на Македонски

Спасов ги критикуваше коментарите на лидерот на ДУИ, Али Ахемти.

Објаснувајќи ја заложбата на ДУИ за прв македонски премиер Албанец, нејзиниот лидер Али Ахмети се повика на – Гоце Делчев:

„Со Гоце Делчев соработувале албански патриоти и заедно работеле со Македонците за да ги решаваат проблемите на сите граѓани. Ако имаат малку почит за Гоце Делчев, нека разберат дека тој со кече на главата држел говори пред Албанците.

Ако се наследници на Гоце Делчев, оваа кандидатура треба да ги направи среќни. Ако се наследници на Гоце Делчев, кој ги обединувал луѓето и не ги двоел.

Ги молам сите да се присебни, затоа што Албанец премиер не само што ќе ги зајакне безбедноста и мирот, туку ќе ја подобри и економијата во земјата“, рече Ахмети пред неколку денови, во своето обраќање од Камениот мост во Скопје.

Оваа негова изјава предизвика реакции од многу страни, меѓу другите и од Ѓорѓи Спасов:

„Ахмети: Гоце Делчев со кече на глава држел говор пред Албанците, тој ги обединувал луѓето, а не ги двоел. Така е. Гоце бил голем патриот, револуционер и социјалдемократ.(интернационалист).

А Али Ахмети кој не убедува дека сите деца од 5то одделение во Македонија треба да го имаа за задолжителен предмет албанскиот јазик, за да сме се разбирале подобро, иако е роден во Кичево и 16 години е дел од власта, не изговорил јавно ниту еден збор на македонски, не гукнал на македонски јазик, а камо ли да одржи говор на македонски за обединување и со тоа да покаже елементарно почитување кон своите сограѓани.

Останува да веруваме дека не е етнички или јазично фрустриран. И дека не мисли дека е срамота ако еден ден ни се обрати на македонски јазик. Или да го научи ако не го знае.

И да го потсетиме, ако не забележал дека сите странски амбасадори во земјава се трудат да говорат македонски како знак за почит кон земјата во која тој е официјален. А на Али како да му е испод честа да го употреби.

Македонија прифати негови министри кои рекоа дека незнаат добро ниту македонски ниту албански работата да си ја вршат работата и да комуницираат со нас и со медиумите на англиски. И немаме проблем со тоа.

Секој овде може да се прави „англичанец„ ако е кадровски решение по предлог на ДУИ.“


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top