Годинава биле прислушувани 369 граѓани со судски налог

Директорот на ОТА, Зоран Ангеловски во интервју за МИА вели дека е задоволен од начинот на кој функционира Оперативно-техничката агенција, за која нагласува дека е основана со цел да оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење,.

-ОТА обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи, при што потребно е да се нагласи дека ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација, што значи дека ОТА не прислушува. Техничката поврзаност се обезбедува исклучиво врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите во согласност со Законот за следење на комуникациите, односно ОТА постапува само врз основа на добиена судска наредба.

Сметам дека не постои можност повторно да ни се случат „бомби“ или „Големото уво“ од причина што ОТА во своето работење се раководи и се придржува на законските одредби, односно доколку не добие судска наредба, ОТА не обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи, што значи дека не се овозможува следење на комуникациите. Воедно, сакам да истакнам дека ОТА подлежи на многу контроли, во кои се вбројуваат: Собранието на Република Северна Македонија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Советот за граѓанска контрола, судовите и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, поради што можноста за противзаконско работење на ОТА е сведена на минимум, вели директорот.

На прашањето во колку случаи во 2019 година ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите и дали дел биле по барање на СЈО, директорот вели:

-Во 2019 година заклучно со септември, ОТА технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите вкупно во 369 комуникации.

Имено, ОТА не прави никаква разлика од кого потекнува барањето за следење на комуникациите, важно е да постои соодветна судска наредба. Дали барањето потекнува од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за национална безбедност или кој било друг овластен орган, за ОТА не игра никаква улога, вели директорот Ангеловски во интервју за МИА.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top