Големо мнозинство Германци не ги сметаат Американците за сојузници

Американците и Германците се остро поделени околу децениското партнерство на нивните земји, покажува истражување на јавното мислење на истражувачкиот центар Пју, пренесува Си-ен-ен..

Околу 70 отсто од Американците ги опишале односите меѓу САД и Германија како добри, додека 73 отсто од Германците кажале дека односот е лош, за што Пју вели дека е „остро покачување на негативната проценка од 2017 година“. Минатата година околу 56 отсто Германци кажале дека односот на нивната земја со САД е лош.

Анкетата, која била спроведена во септември меѓу 1.006 возрасни луѓе во САД и 1.002 во Германија, открила дека „Американците и Германците сосема различно ја гледаат „врската“ меѓу нивните земји“.

Анкетираните немале различно мислење само во однос на меѓусебниот однос, туку и за важноста на надворешната политика на другата земја и за тоа дали двете земји треба повеќе или помалку да соработуваат.

Додека 70 отсто од Американците кажале дека САД треба повеќе да соработуваат со Германија, само околу 41 отсто Германци мислат дека нивната земја треба повеќе да соработува со САД.

Кога станува збор за важни партнери во надворешната политика, Германците продолжуваат да ги идентификуваат Французите како најважни или втори најважни партнери, додека само 35 отсто ги спомнале САД – во споредба со 43 отсто во 2017.

За Американците  - Британија  Кина и Канада се трите спомнати земја, а само 9 отсто ја идентификувале Германија како важен партнер.

Големо мнозинство Германци кажале дека би требало да бидат понезависни од САД во однос на надворешната политика, додека повеќето Американци сакаат да останат блиски со Европа.

Германскиот став кон Америка се менува особено по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Во јули, Трамп ја нарече својата НАТО сојузничка Германија дека е „заложник на Русија“ поради енергетската зависност.

Сепак, и покрај драстичните разлики во анкетата, граѓаните на САД и Германија се сложиле околу важноста на НАТО пактот, придобивките на слободната трговија и трошењето за одбраната, се вели во извештајот на Пју.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top