Грција до утре го чека фамозниот телефонски повик од Заев, после ќе било доцна

Грчката страна не се откажала сосема од договорот за решение за името и го очекува фамозниот телефонски повик од премиерот Зоран Заев до неговиот грчки колега Алексис Ципрас, но најдоцна утре..

„Доколку тоа не се случи, нема да има напредок во целиот процес, бидејќи едноставно нема да има време за напредок за да се фатат роковите за претстојните самити, на ЕУ и на НАТО“, прогнозираат нашите извори.

Во меѓувреме, во Грција интензивно се бара виновникот за сегашната ситуација и критиките се насочуваат кон министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Грчки извори велат дека перцепцијата во политичките кругови е дека Димитров не сака да биде одговорен за договорот, ниту во негативна смисла, ниту да ја собере славата, и го претставуваат како тврдокорен и непопустлив. Според тамошните информации, Димитров сака да му ја препушти одговорноста на премиерот Заев. Но, велат нашите извори, тоа е проблем, бидејќи Владата во Скопје треба да зборува во еден глас.

Истите извори, кои се добро информирани за процесот на преговори, велат дека најверојатно главниот проблем е во однос на опсегот на употреба на новото име, односно ерга омнес.

„Самиот опсег, односно ерга омнес, не е проблем, туку проблемот е во спроведувањето. Според сите информации, македонската страна инсистира ерга омнес да се имплементира по влезот на земјата во Европската Унија, а грчката страна бара веднаш, односно кога ќе се спроведат сите подготовки за тоа. И ова е црвената линија што ниту една грчка влада не може да ја премине. Една од опциите што се споменуваат во Грција е покана за членство, но со услов македонскиот Устав да се смени пред ратификацијата на членството“, објаснуваат грчки извори и додаваат дека ставот во Грција е дека ако се инсистира на имплементација на ерга омнес по зачленувањето во ЕУ, нема да има договор.

Од она што се пласира во Грција, како што велат, министрите Димитров и Коѕијас се договориле во Њујорк, а потоа македонската страна наводно излегла со дополнителни „сугестии“.

Според нив, проблем не се ниту јазикот ниту националноста, бидејќи за нив „се наоѓа решение“ како што е она со македонски и ѕвездичката дека се работи за словенски јазик, но за опсегот засега нема решение.

Процените во Атина, велат дипломатски извори, се дека ако нема договор сега, тогаш нема да има долго време.

„Ако не се постигне договор сега, прозорецот веројатно целосно ќе се затвори“, додаваат тие.

Грчките медиуми и политичари од вчера се занимаваат со анализа на соопштението од македонското МНР, во кое се вели дека „квалитетот на текстот на договорот и потребата од постигнување трајно решение прифатливо за двете страни се далеку поважни од потребата процесот да се финализира во каков било рок“.

Дел од грчките медиуми коментираат дека со ова соопштение македонската влада се обидува да „купи“ време, со оглед дека се зголемува притисокот од Западот со порака да не се губи време за да се „фати“ рокот за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ на самитот на крајот на јуни.

Во Грција денеска се огласи и опозициската Нова демократија, чиј потпретседател Костис Хаѕидакис во интервју за телевизијата Скај вели дека владата на Ципрас прифаќа македонски јазик и македонска националност, а тоа воопшто не е сложено име.

Тој ги повторил позициите на неговата партија, дека е потребно „справување со иредентизмот во Скопје, уставна ревизија и да има комплетно и конечно решение“.

„Се согласуваат да постои македонски јазик и да постои македонска националност. Што значи, овде воопшто не ни постои сложено име. Постои само Македонија за јазикот и за националноста. Според тоа, за името за коешто разговараме постојано, дури и Централна Балканска Република да се викаат, од моментот кога долу пишува македонски јазик и македонска националност, што разговараме понатаму?“, изјавил Хаѕидакис.

Тој ја обвинил владата дека не ја известува опозициската партија за текот на разговорите, па тие, „многу повеќе дознаваат од Скопје“, а според она што им е досега познато, „се чини дека Неа демократиа не може да гласа за договорот“.

Извор: МКД.мк


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top