Грција останува силен поддржувач на македонската евроинтеграција

Грција останува силен лобист и поддржувач на Македонија во престојниот процес на преговори со ЕУ, додека со членството во НАТО, партнерството на двете земји се трансформирало и во сојузништво, оценија премиерите на двете држави, Заев и Мицотакис.

Заев и Мицотакис разговарале и за идната соработка и за спроведувањето на одредбите од акциониот план од Договорот од Преспа, агенда која нашиот премиер ја најави и во своето обраќање во рамките на конференцијата организирана од магазинот “Економист”, во главниот град на Грција.

“Го имплементиравме договорот од Преспа и сега по нашите избори, треба да продолжиме со обидот да најдеме начин како да ги решиме имињата на брендовите на производите. Во октомври, економските комори од Грција, од Атина и Солун, ќе дојдат во Скопје, да дадат идеи и потоа експертските групи да продолжат со решение за тоа прашање. Исто така, работат и историските групи и за учебниците и знам дека со новата група од грчка страна, ќе најдат решенија, што е можно поскоро, затоа што тоа е најлесното” – изјави Заев.

Македонскиот и грчкиот премиер разговарале и за создавање услови за поголема економска соработка и интензивирање на интерконекцијата за природен гас меѓу двете земји за што постоел и финален договор кој наскоро треба да се потпише.

Во поглед на справувањето со пандемијата Ковид 19 и економските последици од неа, подвлечено било дека регионот на Западен Бакан треба да биде вклучен во политиките на ЕУ за економско закрепнување на Европа.

Премиерот Заев во главниот град на Грција се сретна и со претседателката на нашиот јужен сосед, Катерина Сакеларопулу

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Грција, денеска оствари средба со претседателката на Република Грција Катерина Сакеларопулу. И на оваа средба, било истакнато дека договорот од Преспа , освен што го решил тридецениското отворено прашање меѓу двете соседни земји, создал сојуз и партнерство меѓу нив.

Во своето обраќање на вториот ден од конференцијата на “Економист”, Заев денеска оцени и дека Македонија веќе е држава без отворени внатрешни прашања, и дека се потврдило дека политичарите може да победат на избори и по носењето драматични, историски и тешки одлуки.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top