Грција парализирана со нов штрајк

Грција денеска е парализирана со нов 24-часовен штрајк на кој повикаа синдикатите на приватниот и јавниот превоз, кои се противат на нацрт законот за дерегулација на пазарот на трудот – реформа што ја вети новата влада за да поттикне раст..

Се работи за втор штрајк во период од седум дена.

Бродовите останаа закотвени и не постои поморска врска на континенталниот дел од земјата со егејските и јонските острови, бидејќи морнарите ги напуштија пловилата по повикот на нивниот синдикат.

Во Атина владее сообраќаен хаос поради штрајкот на работниците во метроата, а возачите на автобусите и трамваите од утрово ги напуштија нивните работни места. Синдикатите бараат потпишување на колективен договор.

Кон штрајкот се приклучи и Федерацијата на новинари, па така Грција во следните 24 часа нема да може да слуша вести на радио или телевизија.

Затворена денеска остана и железницата. Железничкиот сообраќај помеѓу Атина и меѓународниот аеродром „Елефтериос Венизелос“ нема да биде воспоставен до четврток, во текот на ноќта.

Конфедерацијата на работниците од приватниот сектор повика на собир во центарот на Атина, за да се осуди згаснувањето на колективните договори и гушењето на синдикатот.

Според нацрт законот, предвидено е дека штрајк може да се почне само ако за него гласаат над 50 отсто присутни на состаноците на синдикатот.

Синдикатите се противат на законот што беше усвоен во август, во сезоната на годишните одмори, со кој се овозможуваат отпуштања во приватниот сектор.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top