Груби отфрла можност за коалиција на ДУИ со Левица, со кого Мицкоски би составувал влада?

Без двајцата пратеници од Левица, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ би располагале со 59 гласа, што не е доволно за формирање парламентарно мнозинство.

Организацискиот секретар на ДУИ Артан Губи во интервју за албански „Шчип“ отфрли можност за коалиција со новата парламентарна партија Левица, која се залага и за отповикување на признавањето на Косово и за излегување од НАТО. Тој најави и засилување на комнукацијата со досегашните коалициски партнери од СДСМ за формирање нова влада.

Со тоа, практично, станува уште помалку изводлива намерата на ВМРО-ДПМНЕ да се наметне како партија што би ја формирала идната влада, наспроти овластувањето што го доби за таа цел од партиските тела лидерот Христијан Мицкоски.

Со 44 пратенички места што ги освои ВМРО-ДПМНЕ плус уште две на Левица, евентуалното ново парламентарно мнозинство на овие две партии со ДУИ би било на границата на неопходниот минимум од 61, исто колку што е изборниот скор во мандати на коалицијата на СДСМ со ДУИ.

Груби вели дека владината коалиција на СДСМ и на ДУИ има големи достигнувања во последните три години. Според него, СДСМ и ДУИ имаат секојдневни контакти кои очекува да се засилат со формирање на новите институции.

„Ние сè уште сме колеги во Владата и нашите контакти се секојдневни, како две главни партии во земјата. Чекаме да заврши жалбениот процес и да ги продолжиме и засилиме контактите за воспоставување на институциите кои произлегоа од изборите на 15 јули, во соработка и со одговорен дух“, вели Груби, кој во интервјуто е претставен како „десна рака“ на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Одговарајќи на прашање дали ДУИ би преговарала со ВМРО-ДПМНЕ ако не постигне договор за обновување на коалицијата со СДСМ, Груби е категоричен дека договорите со Грција и со Бугарија, како и Охридскиот договор се црвени линии за неговата партија и за Ахмети. Од нив вели нема враќање назад по ниедна цена и во какви било околности, макар и по цена партијата да замине во опозиција.

Токму затоа, вели Груби, ДУИ нема да биде дел од „алтернативно мнозинство“, во кое ќе ја има и Левица.

„Дел од некое евентуално алтернативно мнозинство би била партијата Левица, што е неприфатливо за нас. Не доаѓа предвид соработка со овој деструктивен и регресивен ентитет. Нема да дозволиме да се вратиме назад, без оглед на тоа дали сме на власт или во опозиција. Нашиот пат кон еднаквост и интеграција во НАТО и во ЕУ не смее да биде загрозен од никого и тоа нема да го дозволиме“, изјави Груби.

За лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, Груби вели дека му забил нож во грб на можниот прв премиер Албанец во Северна Македонија, во моменти кога е потребно обединување на Албанците во земјава.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top