Груевски: Грција не нарекува ФИРОМ, тоа е исто како ние да ја нарекуваме неа ФОПОК

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

ВМРО-ДПМНЕ  е политичко движење кое испорачува дела за сите граѓани, кое ги решава проблемите за сите категории граѓани и ќе продолжиме да работиме, не со исто, туку со посилно темпо, посочи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на трибината што синоќа се одржа во Битола.

- Пред  да дојде на власт оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ не се сеќавам дека некогаш имало намалување на цените на лековите, не се сеќавам дека имало зголемување на пензиите, иако и претходно не беше лесен животот, а не беше лесно ниту за буџетот, но зголемување на пензии немаше, имаше само едно намалување од 8 отсто кога велеа дека бродот ќе потоне. Поминавме низ светска економска криза и европска должничка криза која во Европа се уште трае. Сепак успеавме бројот на нововработени да го зголемиме за 112.000 лица. Тоа не се случи случајно, туку затоа што се создадоа услови и им се пружи рака на стопанството, на компаниите со кои станавме партнер кој им помага и затоа нивниот успех го чувствуваме како наш успех бидејќи има нови вработувања, истакна Груевски.

Пред членовите и симпатизери на ВМРО ДПМНЕ, лидерот на партијата ги издвои разликите во начинот на практикување на власт и работење во државните институции, споредно со власта на СДСМ.

- Постојат многу работи по кои нашето работење се разликува од работењето на СДСМ. Во изминатите години на дело покажавме што значи да се внимава на сопственото работење. Првпат во Македонија токму оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ воведе пракса за преиспитување на мандатите во текот на мандатот на избраните функционери. Тоа е проектот „Нов бран“ со кој минатата година 150 позиции беа заменети со други лица. Оваа година ќе бидат заменети и други лица кои што дале свој придонес, кои помогнале, но во последниов период покажале замор или друга потреба за да бидат заменети со нови лица кои ќе работаат со нова енергија и ентузијазам - појасни Груевски.

Владејачката партија, истакна на трибината во Битола премиерот Груевски, со конкретни мерки и активности покажа конкретна волја и решеност за вистинска борба  против криминалот и корупцијата. Покажа, подвлече, сериозна неселективност во борбата против криминалот и корупцијата.

- На дело покажавме дека имаме нулта-толеранција кон корупцијата. Криминалот и корупцијата немаат партиска припадност, ниту боја и тие може секаде да се најдат, но властите во државите се разликуваат по тоа која колку се бори со тоа. Неодамна заради осомничен во еден криминал, опозицијата СДСМ крена голема галама затоа што еден нејзин припадник се наоѓа меѓу 20-те луѓе, а меѓу нив е и личност која 6 години од 7, колку што сме на власт беше директор на УЈП во Скопје. СДСМ во ниту еден момент не праша зошто таа личност е притворена, зошто другите се притворени, единствено се фокусираа зошто еден припадник на СДСМ добил притвор. Тоа е една матрица, тоа јато на СДСМ смета дека треба да бидат недопирливи и дека законот со нив не треба да се занимава. Може да се притвораат само припадници на ВМРО-ДПМНЕ, од други партии или непартиски лица, но ако дојде ситуација да се притвори човек на СДСМ тогаш се крева таква галама, па дури се прави и меѓународна штета на државата, подвлече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

Осврнувајќи се на меѓународната позиција на Република Македонија, премиерот Груевски на синоќешната трибина во Битола уште еднаш ги потврди евроатлантските аспирации на државата кои континуирано се попречени од Република Грција.

- Нашиот јужен сосед се уште верува дека проблемот може да го реши со блокади, со уцени и со навреди. Зошто навреди!? Тие до ден денеска не нарекуваат ФИРОМ, дури не велат Поранешна југословенска Република Македонија,туку ФИРОМ – една кованица која не треба да ја употребуваат по ниту еден стандард. Тоа е исто како ние да ги нарекуваме ФОПОК –Former Ottoman Province of Greece-FOPOK.  Колку би се навредиле ако така би ги нарекувале? Но, тие знаат дека на ваков начин проблемот не се решава, на ваков начин само се оддалечуваме. Очигледно е дека во овој момент тие немаат политичка волја да го решиме прашањето и затоа наметнуваат вакви работи. Нивниот вокабулар е се поостар и не се подготвени за компромис, а ние сме свесни дека ова прашање може да се реши само со компромис и ние сме подготвени за тоа. Но, не е компромис она што со години, децении и со векови нашите претци се бореле за да го достигнат, ги давале своите животи или гниеле по затвори сега да го уништиме. Не може некој од нас да бара она што сме со векови, сега да не сме, и да се самоизбришеме. Ние сме биле и ќе останеме Македонци со Македонски јазик во оваа држава Република Македонија, истакна македонскиот премиер Никола Груевски.

На синоќешната средба со битолчани, презентација на постигнатите резултати со посебен акцент на вложувањата и плановите за директна поддршка на развојот на општина Битола имаа министрите Зоран Ставревски, Миле Јанакиевски, Никола Тодоров и Спиро Ристовски.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top