Груевски и Ахмети виделе дека народот им се иселува и го одложиле пописот

Свесни дека поради нивните дејства ќе настапи штетна последица, претседателите на двете партии ја злоупотребиле функцијата и нанеле значителна штета на буџетот на Република Македонија во износ од 175.123.909,00 денари со договорот за одложување на пописот..

Истрагата на Специјалното јавно обвинителство покажала дека лидерите на двете партии од владеачка коалиција, Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и Али Ахмети, ДУИ, се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите.

Груевски и Ахмети на 10 и 11 октомври 2011 година, откако виделе дека немаат политички капацитет да организираат реален попис и за да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во Република Македонија, што резултирало со огромното иселување на работоспособното население од земјата, се договориле да го одложат пописот.

Договорот бил причините за стопирање на пописот преку медиумите и преку партиските соопштенија да се објаснат како проблеми од техничка природа и неспособност на Државната пописна комисија и на Заводот за статистика да спроведе ваква операција.

А во позадината очигледно била силата на бројките по нивните политики и договори.

По договорот на Груевски и Ахмети, лесна била реализацијата на запирањето на попишувањето на населението (кое веќе неколку дена било веќе во тек). Бил поднесен предлог на Владата, а овие до Собранието по што послушното собраниско мнозинство веќе на 15 октомври решава да го запре пописот и да го одложи за подобри времиња. И оттогаш ниту една власт не се осмели да организира попис во Македонија за да ги има вистинските бројки на населението на домаќинствата, на етникумите за да може да одлучува врз основа на тие бројки.

Последен пат попис во Македонија е спроведен во 2002 година.

Во 2011 година донесена била политичка одлука за запирање на пописот, биле потрошени повеќе од 11 милиони евра, а за тоа до денес никој од никого не побарал одговорност. Груевски и Ахмети едноставно тогаш сфатиле дека со „законита пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на владеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, на нив како лидери на овие партии, па водејќи се пред сѐ од лични интереси, интереси да ја задржат моќта во општеството, одлучиле дотогаш потрошените парични средства да ги фрлат во вода, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија во значителен износ од 175.123.909,00 денари“, изјавија денеска од СЈО.

Дончо Герасимовски, поранешниот директор на Државниот завод за статистика и тогаш вработен во заводот во изјавата за МКД.мк за тогашното откажување на пописот вели дека основниот проблем бил во тоа што не се почитувале стандардите и етничкото пребројување.

„Пописот во 2011 година се одложи десетиот ден од почетокот на операцијата. Сите податоци дневно се обработуваа и почна да се склопува некаква слика за етничката припадност на населението. Тогаш проблем беше и исполнувањето на стандардите на Еуростат и на ОН. Во однос на непочитувањето на овие стандарди предупредував уште за време на расправата во собраниската комисија, но Законот за попис се донесе и покрај бројните забелешки за непочитување на меѓународните стандарди. Главниот проблем беше како да се попишат луѓето кои беа на работа во странство. Тука стандардите на Еуростат се јасни - оној кој е повеќе од 12 месеци отсутен од државата се попишува онаму каде што работи, каде што престојува. И странците во Македонија кои се тука подолго од 12 месеци треба да се попишат, тука, во земјава. Не може некој да биде попишан два пати. Доколку не се почитуваат стандардите не се доаѓа до веродостојни податоци“, вели Герасимовски.

Извор: МКД.мк


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top