Груевски и Латас во исто време и во различни згради на судење за „Тенк“ и „Тотал“

Денеска во кривичниот суд на судење треба да се појават експремиерот Никола Груевски, обвинет во предметот „Тенк“, и новинарот и бизнисмен, Драган Павловиќ Латас, обвинет во предметот „Тотал“..

Тие во судот треба да се појават во исто време, во 10.30 минути, но ќе бидат во различни судски згради. Предметот „Тенк“, судијката Добрила Кацарска го води во новата зграда, додека предметот „Тотал“, во кој е обвинет Латас, се суди во старата зграда на кривичниот суд.

Предметот „Тенк“ е пред крај. Неделава се закажаните последните рочишта. Се очекува завршен збор и донесување пресуда, која ќе биде прва пресуда за Груевски од 5 обвиненија кои му ги покрена специјалното јавно обвинителство.

Во предметот „Тотал“, обвинет е Драган Павловиќ Латас, заедно со три фирми: „Тотал Маркетинг ДООЕЛ“, „Тотал Медиа Центар“ и „Медиамакс“, каде што тој јавува како сопственик или управител. Судењата досега се одложуваа поради лични и семејни причини на обвинетиот. Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнал плаќање данок. Тој и правните лица давале лажни податоци за даночните обврски.

Латас како управител на компаниите ја намалил основицата за данок и не пријавил лични приходи. Тој набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен. Овие средства биле евидентирани како основни средства и тековни трошоци, а Латас ја намалил обврската и по основа на ДДВ. Износот за добра и набавени услуги Латас не го пријавил во годишната даночна пријава.

Во судот треба да се одржи и рочиште за предметот на СЈО, „Тендери“, во кое е обвинета ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top