Груевски избегал за Будимпешта преку Албанија

Поранешниот премиер Никола Груевски избегал за Унгарија преку Албанија..

Албанската полиција потврди дека тој уште во неделата излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница, кај Скадарското Езеро.

„Одговарајќи на големиот интерес на медиумите за влез и излез од територијата на Албанија на лицето Никола Груевски, информираме дека истиот на 11 ноември 2018 година во 19:11 часот излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец на Црна Гора, како патник во автомобил со регистарски ознаки CD1013A,сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана“, соопштија од Секторот за граница и миграција на албанската полиција.

Но, нема податоци кога и како Груевски влегол во Албанија, па претпоставките се дека преминал илегално, во така наречениот зелен појас. Албанските медиуми повикувајќи се на непотврдени информации, пишуваат дека по излегалниот влез во Албанија, Груевски тргнал кон Тирана и во тамошната унгарска амбасада поднел барање за азил.

Сепак, албанската полиција нагласува дека  во неделата, кога  Груевски бил во Албанија не постоела никаква потерница од Македонија или Интерпол.

„На 11 ноември 2018 година за лицето Никола Груевски не постоеше никаква информација на нашите премини или потерница дека се бара. Интепрол Скопје на 13 ноември во 19:35 часот испрати информација до Интерпол Тирана дека лицето Никола Груевски се бара со меѓународна потерница.

Потерницата за Груевски македонските власти ја распишаа откако претходно судски курир неколу дена се обидуваше да му го врачи судското решение дека нема да му се одложи одењето во затвор.

Тој е осуден на две години за набавката на мерцедесот од 600 илјади евра во времето додека беше премиер.

Албанскиот амбасадор во Македонија Фатос Река одби да даде коментар на потврдата на албанската полиција. Во телефонски разговор за Телма ги нарече пишувањата гласини, и додаде дека нема официјална потврда од албанското министерство за надворешни работи.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top