Груевски по лична желба, но со буџетски средства, си купил „мерцедес“, СЈО бара осудителна пресуда

Осудителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски и за поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски побара Специјалното јавно обвинителство во завршниот збор за случајот „Тенк“..

Според обвинителот Гаврил Бубевски, Груевски го искористил своето влијание и како претседател на Владата по лична желба, но со буџетски средства, си купил „мерцедес". Обвинителите на СЈО побараа од судот при донесувањето на одлуката и при одмерувањето на видот и на висината на казната да ги ценат отежнителните околности, односно, функциите кои ги вршеле во периодот кога ги сториле кривичните дела и олеснителните околности, односно, нивната семејна состојба.

„Груевски го искористил своето влијание и положба и побарал од Јанкуловска да изврши службено дејство, кое таа не смеела да го изврши, а оваа состојба се утврдува од прислушуваните телефонски разговори, кои се доказ во постапката. Според разговорите, Груевски прашува за постапката, а Јанкуловска му вели дека внимателно ја подготвува набавката на блиндираното возило, за да не влета некој друг. Груевски барал да се возат со старото возило, за да види народот, а овој разговор ја потврдува умислата на обвинетиот Груевски", рече во завршен збор обвинителот на СЈО Стевчо Донев.

Според обвинителите, за да му го исполни барањето на Груевски, Јанкуловска го поттикнала Поповски да изврши и да спроведе нелегална набавка на возилото и со тоа тој сторил злоупотреба на службената положба и овластување. Резервацијата на возилото во Германија, според доказите на СЈО, била направена еден месец пред да се објави огласот за јавна набавка. Ова било утврдено со договорот од Германија добиен како доказ по пат на меѓународна правна помош. На две лица, кои се сведоци во оваа постапка, Поповски им дал напишани технички спецификација, за да ја подготват тендерската документација и да го фаворизираат „Мак ауто стар". Целта на Законот за јавна набавка, нагласија обвинителите на СЈО, е да не се исклучува да има конкуренција.

Обвинителот Гаврил Бубевски, анализирајќи ги исказите на сведоците на одбраната, рече дека тие се контрадикторни, односно, дека сведоците од една страна кажуваат дека старите возила биле сервисирани и оти често се расипувале, но материјалните докази докажуваат дека старите возила по датумите во документацијата не биле толку често носени во сервис.
„Сведоците на одбраната имаат контрадикторни изјави. Прво велат дека новиот мерцедес се користел многу ретко, односно, само во случаи кога се расипувале старите возила, па потоа велат дека старите возила се расипувале речиси секој ден. Не е важно дали и колку Груевски се возел во мерцедесот, важно е дека неговата набавка е направена на незаконит начин и Груевски и Поповски учествувале во таа набавка. Бараме обвинетите да бидат огласени за виновни за овој случај", рече обвинителот Гаврил Бубевски.

На судењето за случајот „Тенк“ во тек се завршните зборови на одбраната.

Извор: МКД.мк


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top