Груевски: Учениците навреме ќе ги добијат бесплатните учебници

Учебниците како и во изминатите пет години ќе бидат бесплатни и навремено ќе стигнат до учениците..

Во пресрет на новата учебна година, премиерот Никола Груевски денеска изјави дека учебниците како и во изминатите пет години ќе бидат бесплатни и навремено ќе стигнат до учениците и информираше дека наскоро се очекува потпишување на договорот за преведени и адаптирани учебници за основно по природни науки со универзитетот Кембриџ.

- Во овој период фокусирани сме на новата програма што ја подговуваме со Кембриџ универзитетот за замена на учебниците со нови, кои би ги подготвувале експерти од овој Универзитет и кои ќе бидат во склад со британските учебници. Очекувам наскоро да се потпише договорот. Во финална фаза е договарањето и набрзо треба да се потпише петгодишен договор со Кембриџ со што ќе започне етапна замена на учебниците и на наставните програми и нивно усогласување со британските, истакна Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на повеќенаменско игралиште во скопската населба Ѓорче Петров.

Тој нагласи дека ресорното Министерство е целосно фокусирано на проектот за бесплатни учебници и оти родителите можат да бидат безгрижни затоа што нивните деца ќе добијат учебници и ќе имаат бесплатен превоз.

- Овие две работи го сочинуваат она што го нарекуваме бесплатно основно и средно образование. Тоа беше наша мерка која ја воведовме во 2009 година или чинам 2008 година и веќе петта година по ред родителите не мора кон крајот на август и почетокот на септември да размислуваат за тоа дали ќе имаат или не пари да им купат учебници на децата затоа што државата тоа го обезбедува, рече Груевски.

Напомена дека Министерството за образование и наука редовно ги заменува старите и оштетени учебници и не дозволува некој учебник да биде толку искористен да не може да се употребува.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top