Груевски во Крушево, Иванов во Пелинце

На централното чествување во Крушево ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на Владата, Никола Груевски, кој е покровител на годинашната манифестација „Десет дена Крушевска Република“..

Илинден денеска ќе биде одбележан на со големи народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце. 


На централното чествување во Крушево ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на Владата, Никола Груевски, кој е покровител на годинашната манифестација „Десет дена Крушевска Република“. Делегацијата ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што ќе се одржи големиот народен собир. 


Собирот ќе биде збогатен со настапот на ансамблот за фолклор „Танец“, а вечерта на плоштадот „Никола Мартиновски“ во Крушево ќе настапи Културно-уметничкото друштво „Наум Наумовски-Борче“.
На чествувањето во Крушево, како и секоја година, ќе учествуваат и коњаниците на традиционалниот Илинденски марш кои на 27 овој месец тргнаа од скопско Горно Лисиче кон Крушево. 


Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе трае до 10 август и ќе биде заокружена на Гумење со церемонија на спуштање на бајракот и стрелба за хероите на Илинден и Крушевската Република.


Во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановско Пелинце, каде што исто така ќе се одржи народен собир, ќе присуствува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. 


Во Скопје, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе положи цвеќе и ќе има обраќање пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседателот на Президиумот на АСНОМ. Цвеќе ќе биде положено и пред спомениците на Никола Карев и на АСНОМ.


Од македонската Влада на прославата во Крушево ќе присуствуваат и министрите Никола Попоски и Фатмир Бесими, а во Пелинце владини претставници ќе бидат Владимир Пешевски и Сафет Незири. Во Скопје, владината делегација ќе ја сочинуваат Елизабета Канческа - Милевска и Талат Џафери.


За манифестациите во Пелинце и во Крушево, ќе биде организиран посебен и бесплатен автобуски превоз за кој граѓаните ќе бидат информирани преку медиумите.


Традиционално и годинава во битолското село Трново ќе се одржи 42. Светска македонска средба во организација на Матицата на иселениците, Светскиот македонски конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top