Груевски за 6 месеци во 2014-та потрошил 84 илјади евра, зад него е премиерот Заев

Повеќе од 84 илјади евра потрошил Никола Груевски, од јуни до декември 2014-та кога ја извршувал функцијата премиер на Република Македонија..

За шест месеци само на угостителски услуги дома и во странство Груевски потрошил повеќе од 47 илјади евра, безмалку 17 илјади евра за авионски карти, 7 илјади евра за хотелско сместување, а приближно толку и за подароци, дадени за време на официјални посети и патувања. Ова го открива новата алатка која ја промовираше Владата, каде се објавени трошоците на функционерите од претходните и актуелната власт.

Ако Груевски предничи во сумата потрошени државни пари, зад него е премиерот Зоран Заев кој во ист шестмесечен период лани, потрошил безмалку 48 илјади евра. Како Груевски, така и Заев најмногу пари потрошил за угостителски услуги дома и во странство, односно 34 илјади евра. Потоа следуваат ВИП салони на аеродроми, за што биле потрошени 3 илјади и 700 евра, 2 илјади евра Заев потрошил за хотелско сместување и безмалку 3 илјади евра за подароци при патувања.

Алатката ја презентираше министерот за транспарентност, Роберт Поповски, кој во втората половина од минатата година потрошил околу 22 илјади денари, од кои 19 илјади за угостителски услуги во мензи во институциите и две илјади денари трошоци за мобилен телефон.

Коментар за бројките побаравме од ВМРО-ДПМНЕ, поточно од Игор Божиновски, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но тој не упати прашањето да го поставиме во Центарот за комуникации на партијата.

Податоците објавени на интернет страницата на Владата покажуваат дека актуелната Влада и министерствата од јуни до декември минатата година потрошиле безмалку 22 милиони денари додека извршната власт на Груевски од јуни до декември 2014-та потрошила речиси 45 милиони денари. Разликата меѓу нив е 23 милиони денари.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top