Груевски: Заев за мене зборува 24 часа на ден

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на вечерашниот митинг кој коалицијата „За подобра Македонија“ го одржа во Струмица.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на вечерашниот митинг кој коалицијата „За подобра Македонија“ го одржа во Струмица, рече дека остануваат уште само неколку дена и мигот на одлучување од кој ќе зависи по кој пат Македонија ќе тргне.

„ Ја сакаме нашата земја, со целиот наш народ, сите градови, сета радост, ентузијазам и возбуда. Нашата љубов е заедничка со нашиот народ. Нашата љубов е заедничка со нашата земја. Ние сме партија на граѓаните на Македонија и ние сме гаранција за силна Македонија“, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека во изминатиот период од пет месеци се видела катастрофалната економска политика од Владата.

„Имаме преполовени капитални инвестиции од буџетот што влијае на пад на економијата. Индустрија која оди надоле, градежништво кое тоне. Странски инвеститори кои планираат да си заминат, а нови нема. Извоз кој опаѓа, девизни резерви кои секој ден се топат. Просечни плати кои наместо да растат опаѓаат. Пензии чие зголемување е укинато. Ова е сликата за денес. Сиромаштија која расте, а граѓаните ја губат сигурноста“, рече Груевски.

Тој ги повика сограѓаните, оние кои гласаат за СДСМ да се придружат кон напорите на ВМРО-ДПМНЕ, да се обединат за посилна Македонија. Говорејќи за Заев, Груевски рече дека граѓаните заслужуваат подобро, дека сегашниот премиер не е загрижен за намалување на невработеноста, за развојот и напредокот на нашите градови и општини.

„Тој нема љубов кон знамето и татковината. Ова првенствено се должи на неговата единствена агенда: Груевски. Тој за мене зборува 24 часа на ден. Зошто? Затоа што многу добро знае дека нема капацитет и способност да преземе одговорност за она што треба да го направи и да го надгради она што ние досега сме го направиле. Тој нема храброст да ги реализира сите решенија и проекти што ги замислуваме за нашата земја. Тој воопшто не може да ја оствари визијата и соништата што ги подготвуваме за Македонија“, рече Груевски.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top