Грујевски и Бошковски чекаат екстрадиција, ќе пропеат ли дел од актерите на масовното прислушување?

На 18 јули Врховниот суд го потврди притворот што претходно Кривичниот суд го одреди за Горан Грујевски и Никола Бошковски..

Оттогаш, поранешните началници во УБК и осомничени во предметите Тврдина и Таргет на Специјалното јавно обвинителство, беа во бегство сѐ до вчера.

Грчката полиција вчера во Солун ги уапси Грујевски и Бошковски постапувајќи по меѓународната потерница на македонската полиција. Тие се во истражен затвор, каде  ја чекаат постапката за екстрадиција.

Судските играрии со одлуката за притвор, чекањето на потврда на решението за притвор од повисоките судови и неколкудневното чекање на конечната одлука на Врховниот суд им овозможи на Грујевски и Бошковски навреме да избегаат. Поради ова, отворено е и прашањето за одговорност на судиите кои одлучувале за притворите на Грујевски  и Бошковски.

Според непотврдени информации тие имале и пасоши со лажен идентитет. Грујевски имал пасош на име Владимир Варелов.

Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи неодамна изјави дека се водат постапки кои ќе откријат кој го овозможил бегството на Грујевски и Бошковски.

„Очигледно е дека овде станува збор за еден сплет на околности, на поврзаности меѓу јавното обвинителство, меѓу судството и меѓу структурите на поранешната власт кои што дозволија бегање, односно напуштање на државата на овие две лица и за тоа верувајте дека се водат соодветни постапки и ќе дојдеме и до други лица кои сигурно го озвозможиле тоа и за кои треба да се покрене сериозна одговорност“, изјави Спасовски.

Грујевски беше началник на Петатта управа во УБК и важеше за еден од најблиските луѓе на Сашо Мијалков, тогашниот директор на УБК. Инаку, Грујевски докторирал на тема за Законот за следење на комуникациите, за дозволеното и недозволеното прислушување. Тој е обвинет дека бил дека дел од структурите што го вршеле масовното прислушување на граѓани.

Никола Бошковски беше еден од најблиските луѓе на Грујевски и треба да сведочи за тоа какви наредби добивал. СЈО ги проверува имотите на двајцата за да се утврди дали незаконски се богателе додека ја вршеле функцијата.

СЈО ги товари Бошковски и Грујевски за направена штета врз државниот буџет од 1,4 милиони евра со уништувањето на опремата за прислушување. Тие се обвинети од СЈО за нелегално прислушување илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Предметите на СЈО Тврдина и Таргет се споени во еден предмет.

Расправата за предметот Тврдина 2 за незаконското уништување на опремата за прислушување веќе почна, а судот прифати на обвинетите да им се суди во отсуство. Сведоци велат дека по наредба на Грујевски палеле документи, најверојатно докази за нелегалното прислушување. Судењето ќе продолжи на 2 ноември, кога во судница најверојатно ќе се појават и Грујевски и Бошковски.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top