Хафингтон Пост: Трамп се обидел да изврши притисок и врз австралискиот премиер

Претседателот Доналд Трамп се обидел да изврши притисок и врз австралискиот премиер да му помогне на Главниот јавен обвинител Вилијам Бар да го испита потеклото на истрагата на поранешниот специјален советник Роберт Мулер, објави Хафингтон..

Трамп му се јавил на австралискиот премиер Скот Морисон неодамна за да побара помош од оваа земја, за  ревизијата на истрагата на Мулер за руско мешање во претседателските избори во 2016 година што ја спроведува Министерството за правда, изјавија двајца американски официјални лица кои биле запонати со овој телефонски разговор.

Претставник на Министерството за правда потврди за Ен-Би-Си дека Трамп побарал помош од Морисон.

Според Њујорк Тајмс, Белата куќа го ограничила пристапот до транскриптот на овој разговор на мала група помошници- одлука слична на онаа во однос на телефонскиот разговор на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во центарот на истрагата за импичмент на Претставничкиот дом за Трамп.

Повикот до Австралија, според весникот, е уште еден пример дека Трамп ја користи американската дипломатија на високо ниво за потенцијална лична корист. Трамп долго време се обидува да ја дискредитира истрагата на Мулер, која откри дека Русија се мешала во претседателските избори во 2016 година за да и помогне на кампањата на Трамп.

Желбата на Трамп да го вклучи Бар во вакви активности, е аргумент во обвинувањата на Демократите дека јавниот обвинител работи за претседателот, а не за интересите на САД.

Бар, кој беше назначен во декември, започна ревизија на истрагата на Мулер за Русија, за да открие дали ФБИ или разузнавачките службеници постапиле несоодветно во истрагата за тоа дали кампањата на Трамп соработувала со Русија за изборите во 2016 година.

Набрзо по објавувањето на написот во „Њујорк Тајмс“, „Вашингтон пост“ објави дека Бар лично одржувал приватни состаноци во странство со странски разузнавачи во повеќе земји за да побара помош за ревизијата на истрагата на Мулер во Министерството за правда.

Според „Пост“, Бар веќе им се обратил на британските разузнавачки службеници и минатата недела се сретнал со високи италијански функционери за да ги замоли да му помогнат на американскиот обвинител Џон Дурам, назначен за Трамп, кого Бар го одредил да ја спроведе ревизија. Барањата биле слични како и оние до Австралија, објавува весникот.

Од Министерството за правда за Хафингтон пост потврдиле дека Дурам „собира информации од бројни извори, вклучително и од голем број на странски земји“.

Според портпаролот на Министерството, претседателот Трамп контактирал со други земји за да ги замоли да ги запознаат Бар и Дурам со соодветни службеници и тоа било „по барање на јавниот обвинител Бар“ кој работи под директна надлежност претседател.

Портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли изјави дека „Министерството едноставно побарало од претседателот да обезбеди контакти кои ќе помогнат во ревизијата на истрагата за руското влијание“.

Портпарол на владата на Австралија за тв мрежата Еј Би Си изјавил дека Морисон телефонски разговарал со Трамп за истрагата.

-Австралиската влада отсекогаш била подготвена да помогне и да соработува со напорите што помагаат да се расветлат прашањата што се испитуваат, изјави портпаролот.

„Премиерот ја потврди оваа подготвеност уште еднаш во разговор со Претседателот“, додаде тој.

Во моментов во Претставничкиот дом се води истрага за импичмен на Транп поради неговиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски од 25 јули, во кој тој барал од Украина да истражува евентулани криминални активности за синот на Џо Бајден, кој најави кандидатура за следните претседателски избори.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top