Хакери имаат пристапено до повеќе од 50 милиони Facebook кориснички сметки

Повеќе од 90 милиони Facebook корисници ќе мораат повторно да се најават на своите сметки поради овој случај, а од компанијата истакнуваат дека пропустот е закрпен, иако се’ уште се во почетната фаза од истрагата..

Во текот на денешниот ден, односно петок наутро, Facebook излезе со информација дека хакери имаат пристапено до 50 милиони од нивните корисници, искористувајќи пропуст во мрежата.

Доколку сакате да знаете дали вие сте дел од хакираните корисниците, истото многу лесно може да се дознае. Дали во текот на денешниот ден, при вклучување на Facebook потребно било повторно да се најавите на мрежата, иако се немате одјавено.

Од Facebook го имаат направено одјавувањето на корисниците со цел да се спречи понатамошен пристап од страна на хакерите. Од компанијата истакнуваат дека нема потреба од менување на лозинката, поради тоа што хакерите немаат дојдено до истата, односно пробивањето е направено преку искористување на друг пропуст на мрежата.

Како е пристапено до 50 милиони кориснички сметки на Facebook ?

Од компанијата истакнуваат дека пропустот којшто е искористен е на функцијата „View As“, функција која овозможува да видите како вашиот профил изгледа за некој друг корисник. Преку пропустот во оваа функција, хакерите имаат дојдено до токените за пристап на секој корисник. Овие токени овозможуваат корисниците да останат најавени на Facebook, без потреба од внесување на лозинката на секое вклучување на апликацијата или веб страната. Поради тоа хакерите имаат добиено пристап до корисничките сметки, без да ја знаат лозинката, како и без да имаат потреба од внесување на кодот за дво-факторска автентикација.

Што имаат преземено од Facebook во врска со настанатата ситуација

Од компанијата информираат дека имаат преземено три чекори. Првиот и можеби најважен е дека од компанијата истакнуваат дека веќе го имаат закрпено пропустот и дека хакерите веќе не можат да добијат пристап до сметките на овој начин. Исто така, за случајот е информирана полицијата, која треба да преземе одредени мерки.

Второ, ресетирани се пристапните токени на сите 50 милиони корисниците чии сметки биле пристапени, како и на дополнителни 40 милиони сметки на корисници кои во изминатата година ја имаат користено „View As“ функцијата.

Трето, конкретната функција каде е најден пропустот, иако исправен, е исклучена привремено, па корисниците нема да можат да ја користат.

Од компанијата истакнуваат дека немаат сознание кој го има направено нападатот, како и тоа од каде е дојден. Истрагата е се’ уште на почетокот, а за пробивањето е дознаено пред 3 дена, односно на 25 септември.

Поради тоа што се’ уште ги немаме сите информации, нир би препорачале да ја промените вашата лозинка и да се одјавите и повторно најавите на вашата сметка со новата лозинка.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top