Хан и Могерини со заедничка честитка за историската одлука на собранието

По изгласувањето на амандманите за промена на Уставот во македонското Собрание, стигнаа и првите меѓународни честитки..

Грчкиот премиер Алексис Ципрас разговарал и му честитал на неговиот македонски колега Зоран Заев за успешното завршување на процесот на ревизија на Уставот на ПЈРМ, врз основа на Договорот од Преспа, соопштија од кабинетот на Ципрас. Американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли пренесе дека САД ја поздравуваат одлуката на македонското собрание.

„Кога процесот ќе заврши со ратификување од страна на Грција овој договор конечно ќе го реши спорот за името, кој предолго ги спречуваше граѓаните на Македонија да ги реализираат своите цели за членство во ЕУ и НАТО алијансата“. - изјави Бејли.

Прва пристигна заедничката честитка од Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот Јоханес Хан кои упатија искрени честитки за гласањето на Парламентот за уставните измени. Според нив ова е клучен чекор во спроведувањето на историскиот договор во Преспа. Хан се обрати и со лична порака до македонските граѓани и до македонската влада.

Пристигна и честитка од генералниот секретар на НАТО алијансата Јенс Столтенберг до премиерот Заев. Тој нагласи дека Алијансата силно ја поддржува целосната имплементација на Договорот од Преспа, како придонес за стабилен и напреден регион. Официјална Тирана го поздрави усвојувањето на уставните измени изгласани од Собранието, со кои, како што се оценува, се официјализира името Република Северна Македонија. Европратениците Едуард Кукан исто така им честиташе на пратениците за, како што рекоа, „одговорното“ гласање на уставните измени, кои го отвораат патот за имплементација на Преспанскиот Договор. Следува гласање на преспанскиот договор во грчкиот парламент.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top