Хан: Не е време за политички игри

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан смета дека референдумот на 30 септември ќе биде одлучувачки за иднината на земјата и дека не е време за политички игри..

Хан им порача на сите политички партии да внимаваат какви пораки пренесуваат. Неговата посета на Скопје за премиерот Заев е израз на силна поддршка за Македонија.

“Овој референдум е за иднината на земјата и не треба политички да се злоупотребува. Партиите треба да се воздржат од неговото користење само за да добијат политички поени. Секој зависно од интересите и личните убедувања треба да одлучи и во овој клучен момент не е време за политички игри. Мојот апел за граѓаните е едноставен. Информирајте се и искористете го демократското право да гласате, да се слушне вашиот глас. Ова е ваша земја, ваша иднина ваш избор. Каква и да биде вашата одлука ние секогаш сме со вас, но мислам дека ќе имаме повеќе можности ако имаме заедничка иднина“, рече Хан.

На заедничката прес конференција Заев и Хан соопштија дека на 27 септември почнува скринингот. Хан рече дека ЕУ на Македонија ќе и обезбеди технички совети за реформи кои ќе го подобрат животот на граѓаните. Нивното спроведување заедно со договорот за името се предусловиза Македонија да ги почне преговорите во јуни. Премиерот Заев вели дека земјата ќе ги забрза чекорите за спроведување на реформите.

“Немаме време за губење. Затоа следната недела во Брисел ќе имаме многу важна средба каде ние сеопфатно ќе почнеме со скринингот, вклучително целата работа за подготовките за преговорите. Ова освен со законските одредби се однесува и за квалитетот на воздухот, квалитетот на прехрамбените производи, здравствениот систем и образованието кои директно влијаат на вашето секојдневие“, додаде Хан.

Во дводневната посета на Скопје, освен со претставниците од власта, Хан се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски но и со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов. Во серијата посети на Македонија од претставниците на ЕУ пред референдумот, во четврток доаѓаат европратениците Едуард Кукан и Кнут Флекеншрајн.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top