Хан Саид е избран за нов лидер на пакистанските Талибанци

Вчера при напад со беспилотен американски авион беше убиен водачот Хакимулах Мехсуд.

Пакистанските талибанци денеска го избраа Хан Саид за нивни нов водач, кој досега беше втор по важност командант на организацијата „Тахрик-е- Талибан Пакистан“, јави ДПА.

Саид, нарекуван и Саџна, застанува на чело на пакистанските талибанци, откако вчера при напад со беспилотен американски авион беше убиен водачот Хакимулах Мехсуд.

Се верува дека Хан Саид го испланирал нападот од 2012 година на затвор во североисточен Пакистан, при што беа ослободени речиси 400 затвореници, како и нападот од истата година против пакистанска воена воздухопловна база.

По вчерашната ликвидидација на Мехсуд, во Пакистан е прогласена „црвена“ тревога поради очекувани напади како одмазда за неговата смрт, објавува ДПА. Поради тоа зајакнати се мерките за безбедност околу аеродромите и други важни објекти .

Извор од силите за безбедност, цитиран од ДПА, рече дека вчера убиениот  талибански водач и четворицата негови помошници се погребани денеска на различни места во реонот во близина на границата со Авганистан.

Триесет и четири годишниот Мехсуд загина вчера откако американски беспилотен авион истрела четири ракети врз комплексот во Северен Вазиристан, во кој се претпоставуваше дека се наоѓа.

Тој раководеше со пакистанските талибанци од 2009 година, кога на таа позиција го наследи Бајтула Мехсуд, исто така ликвидиран со помош на дрон.

Денеска се очекуваше да започнат преговори меѓу пакистанската влада и талибанците за наоѓање излез од десетгодишниот конфликт.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top