ХАН САКА ДА СЕ СРЕТНЕ СО НОВИОТ СОБРАНИСКИ СПИКЕР, АМА ТЕШКО ДА СЕ ИЗБЕРЕ ДЕНЕСКА

Еврокомесарот Хан сака да се сретне со новиот спикер..

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан денеска ќе биде во Скопје на средби со политичките лидери и во неговата агенда е ставен термин да се сретне со новиот претседател на Собранието, но од парламентарното мнозинство велат дека е мала шансата да се закаже седницата на која би бил избран новиот спикер. 

Хан ќе ги почне средбите со политичките лидери околу пладне, а агендата му завршува приквечер со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, со кого ќе се сретне откако пред тоа ќе ги ислуша другите лидери на политичките партии што освоија места во новиот состав на Собранието, како и евентуално избраниот нов спикер.

Како што најави портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич во петокот, Хан доаѓа во Скопје да ја повтори цврстата порака на ЕУ да се почитуваат изборните резултати и да се овозможи демократските процеси да продолжат и брзо да се формира влада што ќе продолжи да го имплементира Договорот од Пржино.

За денеска во 12 часот, претседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски закажа кординација со претставниците на парламентарните партии за утврдување на составот на Собраниската комисија за избори и именувања, откако прaтеникот на СДСМ Оливер Спасовски му ги достави потписите на 67 пратеници за закажување на продолжение на конститутивната седница започната и прекината на 30 декември 2016 година.

Конститутивната седница запна кај формирањето на собраниската Комисија за избори и именувања, која треба да го даде името на новиот собраниски спикер. Партиите не можеа да се договорат за составот на комисијата. Не можеле да се договорат ДУИ и движењето Беса, бидејќи ДУИ со десет пратеници треба да има еден претставник, исто колку и движењето Беса иако има двојно помалку пратеници.

Хан, кој денеска доаѓа засилен со тројцата европратеници Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, последен пат беше во Скопје на 9 февруари, кога, исто така, се сретна со лидерите на парламентарните партии, а и тогаш последната средба му беше со Груевски. На 1 март, набрзо откако Ѓорге Иванов соопшти дека не му го дава мандатот на Зоран Заев, Хан преку Твитер му порача на македонскиот претседател дека мора да го почитува парламентарното мнозинство, дури и ако не му се допаѓа.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top