Харадинај: Јас и Тачи не сме сопственици на Косово

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека ни косовскиот претседател, Хашим Тачи, ниту, пак, тој не се сопственици на Косово..

„Ние не сме сопственици на Косово, каде што живеат два милиони луѓе. Ако некој се осмели да преговара за територијата на Косово, тој е против Уставот“, рече Харадинај во интервју за приштинската телевизија Т7, пренесе „Коха“.

Харадинај е уверен дека со Белград би било полесно да се постигне договор ако темата за корекција на границите не е отворена. Тој вели дека прашањето за границите ги нарушило односите на Приштина со нивните пријатели.

Харадинај зборуваше и за недамнешната заедничка вечера во домот на Тачи, на која присуствувал и премиерот на Албанија, Еди Рама.

На вечерата присуствувале и неговите заменици, Беџет Пацоли и Фатмир Љимај, како и претседателот на парламентот, Кадри Весели.

„За време на вечерата воден беше достоинствен разговор, рече Харадинај гостувајќи во емисијата „Пресинг“.

Објасни дека тој разговор го иницирал премиерот Рама и дека неговата идеја била состанокот да биде одржан во Тирана, но се случило тој да биде во Приштина.

„Беше тоа внимателен разговор на познати теми: такси, дијалог, опции за конечно решение на прашањето за Косово. Немаше промена на ставот“, тврди Харадинај.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top